петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „СЕКОЈ ДЕН ДОКАЖУВАМ ДЕКА СУМ ЖИВ“ – ДРЖАВАТА ГИ БРИШЕ, НО НЕ...

„СЕКОЈ ДЕН ДОКАЖУВАМ ДЕКА СУМ ЖИВ“ – ДРЖАВАТА ГИ БРИШЕ, НО НЕ ЗНАЕ ДА ГИ ВРАТИ МЕЃУ ЖИВИТЕ

ПО СТОРИЈАТА НА ВЕЧЕР ЗА ЧОВЕКОТ ШТО ИНСТИТУЦИИТЕ ГО ПРОГЛАСИЛЕ ЗА МРТОВ, СЕ ПОЈАВИ УШТЕ ЕДЕН СЛУЧАЈ

450

По сторијата за 47-годишниот Афет Џелилов, кој за државниот систем е мртов уште од 2001 година, весникот ВЕЧЕР открива уште еден случај на човек кој е жив, но на хартија – починат. Станува збор за млад скопјанец, кој пред дваесетина години бил запишан во матично како починат, иако, всушност, починал негов роднина без документи. Според извори од Управата за водење на матичните книги, семејството било свесно за оваа замена бидејќи вистински починатото момче се лекувало и било погребано под името на роднината. Денес, кога тој станува возрасен човек и треба да започне самостоен живот, се соочува со апсурдна реалност – не може да извади лична карта, да се вработи, да вози автомобил, да патува надвор од државата, ниту да остварува основни граѓански права.

И тој, како и Афет Џелилов од скопски Чаир, надеж полага во Управата за водење на матичните книги – да биде избришан од „црната“ книга, каде што по грешка е заведeн како починат, и да биде впишан во „белата“ – меѓу живите.

Предметот на Џелилов, за кој веќе пишуваше весникот ВЕЧЕР, со години стои отворен кај Народниот правобранител. Последниот одговор што го добиле од Управата е дека надлежен е Граѓанскиот суд, кој треба да донесе решение со кое ќе го прогласи за жив, по што Управата би можела да го поништи уписот во книгата на умрените.

Апсурдот оди дотаму што и двајцата браќа близнаци Џелилови се водат како починати. Пред околу 25 години, едниот заминал за Чешка користејќи го пасошот на другиот. Таму починал, а странските власти ја известиле Македонија за смртта врз основа на документите – односно, на името на Афет.

Хоророт за овој семеен човек, татко на две деца, започнува во 2010 година, кога сакал да замине на летување. Во пасошко му било кажано дека е „блокиран“ – дека не постои. Потоа му биле замрзнати и банкарските сметки, на кои имал средства. Во разговор за ВЕЧЕР, Џелилов вели дека не може ниту да вози автомобил – двапати бил приведен во полициска станица бидејќи нема возачка дозвола. „Не е дека не сакам да извадам, им велам – не можам. Државата не ми дозволува да живеам“, раскажува тој.

Работи приватно, без можност да оствари пензиско или здравствено осигурување, а поради проблемот со идентитетот, изгубил и 16 години работен стаж.

Граѓанскиот суд во 2018 година донел одлука со која утврдил дека починатиот е братот Нусрет, но за „оживување“ на Афет се прогласил за ненадлежен. Дополнителен проблем е што во одлуката нема налог до Управата да го запише Афет во книгата на родени, односно да му го врати статусот на жив, иако преку ДНК-анализи, сведоци и отпечатоци било докажано дека тој не е мртов, туку неговиот близнак. По жалба, предметот стигнал и до Апелациониот суд, кој во 2024 година ја потврдил првостепената одлука како правилна. Во образложението, судијката навела дека Џелилов може да ги оствари своите права пред друг орган – но без да прецизира кој.

„Нам, како институција, ни треба правосилна судска одлука во која ќе стои дека треба да го запишеме во книгата на родени. Таква одлука нема доставено кај нас“, вели за ВЕЧЕР директорот на Управата за водење на матичните книги, Фатон Фазлиу. Тој додава дека Управата е запознаена со случајот, но не може самостојно да избрише лице од книгата на умрените и да го впише како живо без судско решение.

„Јас сум жив мртовец, ама не се откажувам. Ќе се обидувам повторно и повторно да докажувам кој сум“, вели нашиот соговорник, кој го изгубил идентитетот – но не и духот.

Од канцеларијата на Народниот правобранител повторно му порачаа дека нема нов развој на случајот, но дека предметот останува отворен. Оттаму оценуваат дека станува збор за сериозна повреда на основните човекови права и дека состојбата е алармантна. Правобранителот повторува дека Управата нема доволни професионални капацитети за да им помогне на граѓаните во вакви ситуации, а соработката со институцијата, и покрај нејзините надлежности, оди тешко и без конкретни резултати. (П. А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ