Можеби со право, фудбалските фанови тврдат дека денешниот 1/4 финален дуел од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, помеѓу шпанскиот гигант Реал (М) и германскиот бундеслигаш, Баерн (М), е еден вид на финале пред финале.
Таквата констатација добива на тежина затоа што на „Сантијаго Бернабеу“ ќе игра, од една страна, најтрофејниот клуб во ЛШ, а од другата страна ќе биде тимот што доминира во актуелната сезона и важи за најголем фаворит кога е во прашање популарниот „пехар со уши“.
И двата тима немаат некој посериозен проблем кога е во прашање здравствениот билтен. Иако не е во посакуваната форма, Килијан Мбапе, треба да го има главниот збор во нападот на „кралскиот клуб“, а во почетниот состав треба да биде и англискиот интернационалец, Џуд Белингам.
На спротивната страна, главниот збор треба да го има Хари Кејн, а опасност од сенка би требало да биде крилниот напаѓач, Луиз Дијаз.
Сосема очекувано, далеку помало внимание би требало да привлече 1/4 финалната пресметка во Лисабон помеѓу португалскиот гигант Спортинг и лондонскиот премиерлигаш Арсенал. Точно дека „зелено-белите“ успеаја во 1/8 финалето да анулираат негатива од три гола и да се пласираат во следната елиминациска рунда, но гостинот, кој е лидер во домашниот шампионат, важи за апсолутен фаворит и затоа за очекување е „топчиите“ со поволен резултат да го стартуваат реваншот на „Емирати“.











