Ако ја снема поезијата
од мојот ум и срцевина,
што би останало од мене?
Не би останало друго,
освен да одам на фудбалски
натпревари.
Да ги гледам најновите вести
заразени од антракс,
да мечтаам за киселите дождови,
да ги читам некролозите.
во весник
Животот е краток како црв,
а ние ја пишуваме најдолгата рибарска поема.
Да беше жив, оваа година, во март, авторот на овие стихови ќе наполнеше 45 години. Беше актер и поет. Сите што го познаваа веруваат дека ќе глумеше и денес, ќе пишуваше поезија, ќе беше Дон Кихот што им пркоси на општеството и на времето во кое живее. Ќе воодушевуваше со својот талент, како на филмот така и на штиците што значат живот.
– Животот е краток како црв, а ние ја пишуваме најдолгата рибарска поема – пееше Бошко.
А, ние ќе се обидеме, преку овој наш напис, што поверно да им го доближиме на читателите на весникот ВЕЧЕР краткиот живот и делото на Бошко Бозаџиевски, првиот гевгелиски дипломиран актер и еден од најнадежните во својата генерација.
Роден е на 25 март 1981 година, во Гевгелија. Основното и средното училиште ги заврши во својот роден град. Студираше на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески – Скопје, а дипломираше на Факултетот за драмски уметности, исто така во Скопје. Играше во претставите „Сите лица“ на Петре М. Андреевски, „Сон на летната ноќ“, „Делириум за двајца“, „Осмо светско чудо“, како и во првата македонска догма, филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска. Инаку, тој остана поврзан и со книжевноста. Првата поетска книга, „Плачот на ангелот“, ја објави кога имаше само 17 години. Настапуваше и на поетски слем-читања во Скопје. По неговата смрт, во 2009 година беше објавена книгата „Неисцрпен“, која содржи необјавени песни создадени од 2000 до 2008 година, како и избор од неговата рана поезија. Имаше Бозаџиевски имаше уште многу да каже, но, за жал, почина на 26 август 2008 година, на само 27-годишна возраст. Во негова чест, во родниот град Гевгелија се одржува мултимедијалниот фестивал „Бош“, кој оваа година ќе го има своето 18. Издание, во организација на „Арт- еквилибриум“.
Ова се оние сувопарни енциклопедиски податоци за Бошко, кои нудат само форма, но не и суштина. Затоа што не може да се опфат неговиот млад живот, неговиот талент, неговите мечти, неговиот шарм, неговата ведрина, неговата експресивност, неговата љубов во само неколку реченици. Затоа прашавме дел од оние со кои другаруваше Бошко, со кои ја делеше сцената, го делеше поривот кон уметноста, да кажат како го паметат.

Пленеше со својата решителност
– Во 1996 година, на аудицијата на драмската група „Дон Кихот“, во училницата влезе момче со крупни црни очи, со сигурен чекор. Се викам Бошко Бозаџиевски, рече, имам 14 години и сакам да глумам. Ме плени со својата смелост. Го гледав и сфатив дека пред мене стои Демијан на Херман Хесе. Така почна актерската одисеја на младиот Боби. Се редеа претставите „Чернодрински се враќа дома“, „Време за птици“, поетски перформанси, ТВ-записи, а тој беше сè подобар и подобар. Со леснотија се трансформираше од лик во лик, согоруваше на сцената како птицата феникс за да воскресне со нови сили за нови улоги и нови предизвици. Тој беше момчето што воодушевуваше со својот талент, цврсто чекореше по штиците што значат живот и владееше со сцената. И знаев, тој е роден да биде актер.
Во 2000 годимна, Драмскиот факултет во Скопје широко ги отвори вратите за едно талентирано момче од Гевгелија, Бошко Бозаџиевски. Нашиот прв дипломиран актер. Тој влезе во професионалниот театарски свет добивајќи улога речиси во сите тогаш актуелни претстави. Го искуси и филмското платно. Стана препознатлив лик од рекламите. Еден од најнадежните актери во Македонија. Но, никогаш не ја напушти драмската група „Дон Кихот“. Продолжи, сè до својата смрт, да биде дел од културната сцена во Гевгелија, дел од секоја поетско-музичка манифестација: „За тебе, љубов моја“, „Сонот на душата“„ промоцијата на романот „Вештица“ на Венко Андоновски, многу поетски видеозаписи – раскажува Даниела Џишева, професор и режисер во драмската група „Дон Кихот“ од Гевгелија.
Марија Стојанова, еден од организаторите на фестивалот „Бош“, ак, вели:
– На Бошко се сеќавам како на другар, пред сè, беше ведар, насмеан, забавен и посебен. Заедно растевме и пораснавме. Бевме љубители на уметноста, правевме претстави, поетски читања, заедно ја оформивме театарската група „Кабаре 6“ (Стево, Миле, Бошко, Марија, Венци, подоцна и Верче), која постигна големи успеси не само во Гевгелија туку и на фестивалите на Балканот. Бошко беше фраер, магнет за жени, љубовџија, вљубеник во уметноста, глумец, поет, другар, син, брат, сограѓанин. Многу загубивме, многу загуби Гевгелија…
Истовремено и понизен и бунтовен
На Бошко Бозаџиевски и заедничките моменти се потсетува и професорот Стефчо Стефанов:
– Бевме повеќемина другари, се поврзавме со Бошко преку интересот за книгите и за поезијата. Беше одличен ученик, истовремено и понизен и бунтовен, умееше да се извини ако му згреши некому, но и да влезе во пресметка со градските мангупи. Имаше чудна особина да биде брутално искрен со сите. Сите ние пишувавме поезија и мечтаевме да станеме поети, а Бошко беше оној што ја живееше самата поезија. Замислете, „Плачот на ангелот“, својата книга поезија, ја пишувал кога имал 16-17 години, како гимназијалец, а беше издадена кога наполнил 18 години, книга што зачудува со своите содржина и квалитет за некој толку млад поет. Сметам дека треба да добие позначајно место во македонската култура. Иако, како и сите млади во тие години, беше во потрага по својот идентитет, експериментираше во сè, имаше свои мани и доблести, сепак, нè изненади неговата прерана трагична смрт, бидејќи имаше многу живот во него.
Уметникот Миле Ничевски, пак, кажа за Боби дека бил личност што ширела харизма околу себе.
– Во друштво, секогаш беше во центарот на вниманието. Како ученик, најпрво се потпишуваше со Арлекин, лик од комедија дел арте, весел, досетлив и итар слуга, препознатлив по својот кариран костим. А потоа, скратено Бош. Имаше широк спектар на интереси и на медиуми преку кои се искажуваше. Имаше огромна енергија, која ја споделуваше со луѓето и ни остана како аманет да го поддржиме и продолжиме тој негов интересен и суптилен дух. За жал, пред трагично да почине, беше избран од еден од најпознатите холандски режисери на инсталации, Јан Фабре, да биде единствен учесник од Македонија во физичкиот театар што го подготвуваше. Кој знае, да останеше жив, каде ќе го однесеа кариерата и неговиот талент. Се запознавме една зима, во Гевгелија, кога се вратив од Скопје, во време кога и низ Гевгелија и низ Македонија гледав тажни, намуртени лица, истрошени луѓе со погледи без искри. И во еден таков духовен пустош и незаинтересираност за уметноста и за убавото во животот, пред мене се појави Бошко, една таква енергија, една таква експресија, со толку многу љубов во себе и со толку многу интерес за различни работи. Се интересираше за музиката, за поезијата, за филозофијата, за митологијата, за античката историја. Имавме милион заеднички теми, така што веднаш се создаде едно другарство меѓу нас, иако беше помлад од мене. Набрзо почна да ме нарекува негов духовен татко, иако и јас црпев многу инспирација од него.

Го сними првиот догма филм на Балканот
Во 2006 година, пред својата смрт, Бозаџиевски го снимаше првиот официјален догма филм на Балканот, во режија на Анета Лашковска, кој, според последните податоци, има најголем број прегледи од сите македонски филмови на „Јутјуб“. Преку ликовите што ги следи во филмот, таа ја разоткрива атмосферата во Македонија во 2006 година, атмосфера исполнета со секвенции на апсурдност и хумор, како и манифестација на техники на преживување што ги развиваат луѓето во една земја што минува низ транзиција. Покрај Бозаџиевски, во филмот играат и: Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Даниела Стојковска, Амернис Нокшиќи-Јовановска, Игор Џамбазов, Висар Вишка, Силвија Стојановска, Никола Ристановски… Бошко доминира во филмот и заедно со Милијана Додевска оствари една „откачена“ љубовна сцена, која беше многу успешна и впечатлива, па дури и заслужна за наградата за иновативност, која ја освои филмот на фестивалот на Бермудските Острови.
Во негова чест, во Гевгелија секоја година се одржува мултимедијалниот фестивал „Бош“, во организација на здружението „Арт-еквилибриум“. Ако првото издание што се одржа во 2009 година беше посвета на прерано починатиот актер и поет од неколку негови блиски пријатели, 18. издание, кое ќе се одржи во Гевгелија, на 28 и 29 август 2026 година, ќе продолжи да биде мултимедијална платформа низ која се слави креативниот израз во урбан контекст, односно обид за естетизирана артикулација и осмислување на т.н. додадена вредност на урбаната култура.
Бошко Бозаџиевски почина на 26 август 2008 година, на само 27-годишна возраст. Неговата смрт беше голема загуба за македонската културна сцена, бидејќи многумина сметаа дека се наоѓа на почетокот од една исклучително перспективна актерска и книжевна кариера. Како гевгеличанец, тој останува едно од најзначајните млади имиња што ги дала Гевгелија во областа на уметноста. Неговото творештво и денес се чита и се памети по искреноста, емотивноста и по силната животна енергија што ја носат неговите стихови.
– Замина ведар, насмеан, полн со љубов. Со него заминаа и Демијан, и Дон Кихот, и Феникс, и Сизиф. Остана тагата. Останаа убавите спомени. Остана ехото на зборовите од романот „Вештица“, што толку веродостојно ги изговараше, како да излегуваа од неговата душа – вели професорката Џишева.
– Да ти кажам, да не кажеш потем дека не сум ти рекол. Смртта е врата. И љубовта е врата. Истата врата. Оти и по смртта, во истата куќа уште си, иако во друга одаја. Затоа не плачете по мртвите, во иста куќа се, само во друга одаја. И не плачете по разделените љубовници, во иста куќа се, во истата вселена, како и мртвите и живите. Само во различни одаи. И ќе се најдат макар и по векови.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












