Премиерот Христијан Мицкоски порача од Велес дека со ребалансот на буџетот ќе се обезбедат пари за, конечно, да се поврзат хидросистемот „Лисиче“ и езерото „Младост“, проект што, како што рече, долго време чека на реализација. Тој истакна дека недостигаат уште неколку километри цевковод, но дека ќе бидат обезбедени тие средства, со што двата водоснабдителни системи ќе станат функционално поврзани.

– Не може проблеми што се трупале со децении да се средат прекуноќ, ама одиме чекор по чекор. Приоритет по приоритет, ги завршуваме работите, без да создаваме нови маки за граѓаните – рече Мицкоски.

Премиерот упати пофалби до градоначалникот на Велес, оценувајќи дека работи посветено и со јасен фокус, а им се заблагодари и на советниците, администрацијата, пратениците и на министрите, кои, како што рече, придонесуваат Велес да добие повеќе проекти од централната власт. Тој им се заблагодари и на велешани за трпението, нагласувајќи дека е потребно време за реализација на капиталните проекти, но дека веќе се гледаат резултатите.

– Еден по еден, ги реализираме проектите и особено ме радува што ова лето, конечно, почнува изградбата на подземната катна гаража во центарот на Велес, заедно со новиот плоштад. Очекувам следната година граѓаните да добијат функционален објект, кој беше наш приоритет уште додека бевме во опозиција – изјави Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ