На карпата над Катлановска Бања, каде што се спојуваат верата, природата и народните преданија, секој 20 јули се собираат стотици верници. Едни палат свеќи за здравје, други полнат вода од светите извори, а трети велат дека токму тука им се исполнила најголемата животна желба. „Не е важно кој колку пари има, туку какво срце носи“, велат домаќините на светилиштето, каде што, според верувањата, света Недела помага на болни, на брачни парови без деца и на секој што ќе застане со искрена молитва пред неа

Без разлика дали човек верува во чуда или не, едно е сигурно: „Света Недела“ кај Катланово одамна не е само црква. Тоа е место каде што луѓето доаѓаат да најдат мир, да споделат надеж и барем за миг да поверуваат дека по секоја мака доаѓа подобар ден. На само дваесетина километри од Скопје, а како да сте влегле во друг свет. Штом ќе се исклучите од автопатот кај Катланово и ќе тргнете по тесниот пат кон клисурата на Пчиња, веќе го чувствувате мирисот на шумата, шумот на реката и тишината, која ја прекинува само песната на птиците, при што добивате чувство дека времето овде тече побавно.
Скопско Катланово е место каде што се испреплетуваат медитеранската клима од југ и умерената континентална клима од север. Повод да го посетиме ова преубаво место е празнувањето на денот на светицата света Недела (20 јули) во истоимената црква на карпата надвисната над кањонот на самиот лев брег на реката Пчиња, спроти Катлановска Бања. До неа може да се дојде преку пешачкиот мост на реката Пчиња од Катлановска Бања, каде што е последната станица на автобусот „53“ или преку патот Катланово – Градманци (се наоѓа веднаш на неговата лева страна).

Црквата „Света Недела“ секој 20 јули станува собиралиште на верниците од Скопје, Петровец, Илинден, Куманово и од многу други места. И овој пат беше весело. Од рано изутрина, река луѓе се искачуваше кон храмот. Додека се служеше во црквата литургија посветена на света Недела, во дворот, верници на кои овој ден им е домашна слава молчешкум и со почит трпеливо чекаа да им биде осветена славската погача, други, пак, палеа свеќа за здравје и речиси секој си полнеше вода од трите чешми посветени на света Недела, света Петка и на Пресвета Богородица. А наоколу, верници, седнати на клупите под дебелите сенки, го очекуваа црковниот ручек, а песна и оро ја параа тишината на клисурата.

Меѓу посетителите секоја година е и кумановецот Крумислав Пешевски, кој доаѓа на празникот со своите рачно изработени дрворези.
– Цел живот го работам ова. Дедо ми беше дрворезец, па и јас го продолжив занаетот. Сакам народот да види дека уште има луѓе што работат со раце, ама тешко е. Децата завршија факултети, си фатија друга работа. Занаетите полека изумираат, ама јас, додека можам, ќе доаѓам овде. За Света Недела, не пропуштам година – ни раскажа Пешевски.

Вера Андреска од скопската населба Кисела Вода ни рече дека стигнала уште рано изутрината, со автобус.
– Доаѓам секоја година. Овде човек ќе си ја смири душата. Ќе поседиш малку во дворот, ќе се помолиш, ќе запалиш свеќа и како полесно да ти станува. Потоа има и дружба, песна, оро… убавина! Секогаш си полнам вода од чешмите. Народот верува дека се свети и дека помагаат – вели таа.

Зад целата приказна за црквата стојат семејствата Синадиновски и Петрушевски. Ќерката на ктиторот, Снежана Петрушевска, веќе три децении ја продолжува традицијата што ја почнал нејзиниот татко, Перо Синадиновски, кој имал видение за местото.
– Соништата го водеа токму тука, на ова место. Ова место беше карпа, како што видовте, во црквата има карпа и таму е поставен крстот, а околу беше шума. Прво, во 1990 година, татко ми го постави крстот, а три години подоцна ја изградивме црквата. Не беше лесно. За да го направиме платото пред црквата, три месеци се дробеше карпата. Народот многу помогна. Без луѓето, немаше да успееме – ни раскажа Снежана.

Таа рече дека црквата што ја подигнал татко ѝ била наменета за неа.
– Јас здравствено не бев добро и кога го ставивме крстот, татко ми рече дека ќе се вика „Света Недела“. Затоа луѓето првично се молат за здравје, а има и случаи – на многумина им помогнала да имаат дечиња, па по години доаѓаат со бебе во рацете и велат: „Света Недела ни помогна“. Други велат дека оздравеле, трети дека им тргнала работата. Секој си носи своја мака и своја надеж – додава таа.
Таа вели дека секоја година има голем интерес за кумството. Годинава, кумови се Марина и Игор од `Ржаничино.
– Откако се нафатија да бидат кумови, си го оженија синот. Тој, пак, направи нова куќа, таа напредуваше во работата, значи си има нешто – вели Снежана со насмевка.

Таа потенцира дека има голем интерес за кумството, а ако се пријават повеќе луѓе за таа чест, се влечат ливчиња.
– Не гледаме кој е богат, а кој сиромав. Не се станува кум со пари, туку со срце. Имавме една жена што дојде расплакана. Детето ѝ беше многу болно и молеше да биде кума. Им реков на сите: „Ќе одлучи света Недела“. Кога ги извлековме ливчињата, токму нејзиното име беше напишано. Жената плачеше и ме гушкаше. Јас само ѝ реков: „Гледаш, света Недела си ги реди работите“ – се присетува Петрушевска.

Во дворот се наоѓа уште една помала црква, „Света Троица“. Снежана кажува дека жена по име Ратка од населено место крај Миладиновци дошла кај неа, дека ѝ се сонило во дворот на „Света Недела“ да се направи уште една црква.
– По нејзино видение, јас и сопругот Благојче Петрушевски го изградивме тоа црквиче. Сега ја славиме и Света Троица, а на Голема Богородица го прославуваме празникот за Мајката Божја, пред чешмичката со нејзината икона – вели Снежана.
Од дворот на црквата, скалите водат до уште еден извор. Таму затековме луѓе како си ги мијат очите и полнат шишиња.

– За очите е добра водава. Одамна доаѓаме. Се миеме и си носиме дома – ни рече еден верник, кој трпеливо чекаше во ред.
Катланово е препознатливо по повеќе извори. Некои се со ладна, други со топла минерална вода. Особено внимание привлекува чешмата од која тече вода со силен мирис на сулфур. Иако мирисот потсетува на расипано јајце, луѓето без двоумење ја полнат.
– За стомак, за бубрези… кој за што дошол. Ако не чинеше, одамна ќе ја затвореа чешмата – ни рекоа посетители што дошле со автомобили и со велосипеди само за да наполнат неколку шишиња.
Се напивме и ние од водата, но не забележавме некакви проблеми.

Најпозната, сепак, останува Савина чешма. За неа кружат бројни приказни дека помага водата при главоболки, проблеми со видот, кожни заболувања, па дури и кај брачни парови што долго чекале потомство. Луѓето палат свеќа кај белиот крст, се молат, се мијат со водата и фрлаат паричка во вирот за да се фати лекот, како што велат старите.

Чешмата е изградена во 1997 година, а изворот го открила една религиозна шеесетгодишна жена додека престојувала во Катлановска Бања. Меѓу луѓето се раскажува за случка што вели дека на празникот Петровден, на сон ѝ се јавила света Недела, ѝ подарила крст од камен и ѝ го покажала местото каде што требало да чукне со него. Веднаш штом се разбудила, жената тргнала со две пријателки од бањата да го најде местото. Жената раскажува оти ѝ се причинило дека ја гледа света Недела како стои на една карпа, и во тој момент го препознала местото што го видела на сон. Се упатила таму, почнала да ги трга камењата и да ја корне тревата. Во еден момент потекла вода, а жената ја загубила свеста и паднала на земја. Двете пријателки што биле со неа, мислејќи дека ѝ се слошило, се вратиле во бањата да бараат помош. По неколку минути, жената се освестила, станала на нозе и немала никакви повреди.

Што се однесува до Катланово, најверојатно, името на селото е поврзано со зборот „кладенец“, во кој се содржи коренот „лее“ (други примери се зборовите „славина“ и „ливада“), кој се однесува на термалните изводи по кои е позната оваа месност.
Светлана БЛАЖЕВСКА












