Во организација на Локалниот младински совет на Општина Битола вчера се одржа панел дискусија посветена на односот меѓу занаетчиството и високото образование, на која претставници од академската заедница и приватниот сектор ги отворија прашањата за професионалниот развој на младите и нивното полесно вклучување на пазарот на трудот.

„Занает и високо образование: Конкуренти или сојузници?“ беше темата на разговорот при што во дискусијата беше нагласена потребата младите да стекнуваат конкретни знаења и вештини што ќе им овозможат самостојно да создаваат вредност и да градат професионална иднина. Според професорот Никола Рендевски, општеството има потреба од млади кои располагаат со професија, занает и сопствени идеи.

– Ни требаат млади луѓе кои создаваат вредност. Луѓе со професија, занает и идеи. Луѓе кои можат да кажат: Јас знам, јас умеам, јас можам. Таквите луѓе тешко се контролираат, затоа што нивната егзистенција не зависи од политиката. Тие имаат сопствен став, достоинство и слобода да кажат „не“ – порача Рендевски.

Едмонд Весели, пак, посочи дека поставувањето на занаетот и високото образование во рамки на конкурентски однос не води кон вистинското решение. Според него, поголем фокус треба да се стави на нивната меѓусебна поврзаност и соработка.

– Ако занаетот и високото образование се конкуренти, тогаш губиме сите. Прашањето не треба да биде кој ќе победи, туку дали и колку соработуваат – истакна Весели.

Од аспект на приватниот сектор, Марјан Бакревски ја нагласи важноста на посветеноста кон работата и можностите што ги нуди претприемништвото за оние кои сакаат самостојно да ја градат својата професионална средина.

– Со посветеност во работата преку приватниот сектор, можеш да го уредиш светот околу себе по сопствена волја – рече Бакревски.

Панелот на едно место ги поврза претставниците на високото образование, приватниот сектор и занаетчиството, со фокус на можностите што им стојат на располагање на младите од периодот на образование до нивното вработување и развој на кариерата.

Локалниот младински совет на Општина Битола е претставничко тело на младите во општината, формирано согласно Законот за младинско учество и младински политики. Советот има советодавна улога и служи како врска меѓу младите и локалната самоуправа во креирањето и унапредувањето на младинските политики.

ИЗДВОЕНИ