Градскиот парк во Скопје, на 19 септември, пулсираше во ритамот на хуманоста, дружењето и спортскиот дух. На јубилејната СОС Хуманитарна трка во организација на IT4Charity, 290 тркачи застанаа на стартната линија со една заедничка цел – да трчаат со срце и да дадат свој придонес за децата и младите на кои им е потребна поддршка.
По повод 25 години СОС Детско село, годинашната трка под мотото „Трчаме со срце“ првпат ги обедини не само компаниите од ИТ-заедницата, туку и индивидуалните тркачи. На патеката долга четири километри и во форма на срце трчаа 160 тимски тркачи од 21 ИТ-компанија и 130 индивидуални учесници.
Но, трката беше многу повеќе од трчање.
Од раните утрински часови, Градскиот парк беше исполнет со позитивна енергија, поддршка и насмевки. Тркачите се бодреа едни со други, семејствата и пријателите навиваа, а целата атмосфера потсетуваше дека кога се обединуваме околу добра цел, резултатот е многу поголем од кој било пласман.
Посебно место на настанот имаше Детското катче, кое беше исполнето со најмладите посетители. Тие цртаа, твореа и оставаа свои пораки и на тој начин дадоа свој белег на оваа хумана приказна.
– Големо внимание привлече и донаторското катче „Мече на грижа“, каде што посетителите донираа и добиваа брендирано СОС-меченце. Ова катче стана едно од најпосетените места на настанот и уште еден убав пример дека понекогаш и едно мало добро дело може да носи голема порака – соопштија од СОС Детско село, додавајќи дека сите кои биле дел од трката имале своја причина да трчаат, но заедничко им било тоа што дошле со срце, нагласувајќи дека некои трчале со своите тимови, некои со своите семејства и пријатели, но сите за една повисока цел – ниту едно дете да не расте само.
СОС Хуманитарната трка во организација на IT4Charity оваа година е дел од низата настани со кои се одбележуваат 25 години СОС Детско село – 25 години посветени на создавање сигурна и поддржувачка средина за децата и младите и на зајакнување на семејствата кои се соочуваат со сериозни животни предизвици.
Преку своите програми, СОС Детско село Македонија досега има поддржано повеќе од 6.090 деца, млади, згрижувачи и семејства. За некого, таа поддршка значела сигурна грижа кога не можел да расте со своите родители, за друго семејство – помош да остане заедно, а за млад човек – поддршка на патот кон самостоен живот.












