Општина Ѓорче Петров започна со реализација на еден од најобемните инфраструктурни проекти во населбата Диво Маало, во рамките на кој ќе се реконструираат 13 краци на улицата „Алекса Демниевски“ со вкупна површина од 11.420,76 квадратни метри и должина од 3.020,61 метри.
Проектот, вреден 14.844.213,78 денари (со вклучен ДДВ), е целосно финансиран од буџетот на Општина Ѓорче Петров и претставува голем чекор кон подобрување на урбаната мобилност и квалитетот на живот во оваа долго запоставувана населба.
-По децении занемареност, жителите конечно добиваат нов, модерен асфалтен коловоз. Диво Маало добива нов лик и се создаваат подобри услови за живот за сите жители – изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Со реконструкцијата се решаваат долгогодишните проблеми со оштетени и неасфалтирани улици, а значително ќе се подобри безбедноста на пешаците, велосипедистите и возачите. Проектот ќе придонесе и за намалување на загадувањето, како и за зголемување на атрактивноста и естетиката на населеното место.