Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, порача дека даночните обврски се еднакви за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, нагласувајќи дека клучното прашање е дали е платен данокот или не. Таа, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, во врска со наплатата на даночните обврски, посочи дека законот не прави разлика меѓу Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи или припадници на која било друга заедница, бидејќи даночните правила важат подеднакво за сите граѓани.

– Кога станува збор за даночните обврски, немојте да ја мешате етничката припадност. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава, а за данокот особено. Тука нема третман – изјави Димитриеска-Кочоска.

Министерката објасни дека согласно со законските одредби, Управата за јавни приходи има право да утврдува неплатени даночни обврски за период од пет години наназад. Според неа, не станува збор за ретроактивна примена на Законот, туку за законска обврска да се наплатат даноците што не биле пријавени и платени во предвидениот рок. Таа додаде дека УЈП во изминатиот период повеќепати ги информирала граѓаните за нивните обврски и дека институцијата постапува согласно со закон.

Димитриеска-Кочоска оцени дека не треба да се користи ова прашање за создавање етнички тензии, бидејќи даночните обврски и стапки се исти за сите, а одговорноста за нивното исполнување е на секој граѓанин.

ИЗДВОЕНИ