Тутунскиот комбинат „Прилеп“ го почна предвремениот откуп на тутунот од годинашната реколта. Интересот кај тутунарите е поголем од лани, а според министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, досега се откупени шест тони тутун со одличен квалитет.
Годинава се очекува да бидат откупени од 26 до 30 милиони килограми тутун, произведени на околу 15.000 хектари. Откупната цена за прва класа изнесува 435 денари за килограм, а ќе продолжи и исплатата на државните субвенции.
Министерот најави дека се разгледува можноста да се зголеми субвенцијата од 80 на 90 денари за килограм, како и дополнителна поддршка од 10 денари, преку измена на мерките за зелената нафта.
Тутунскиот комбинат „Прилеп“ ги отвори сите 34 откупни пункта и планира да откупи 2,6 милиони килограми тутун. Исплатата кон производителите ќе се врши двапати неделно.
Според Сојузот на тутунски здруженија, на ниво на државата ќе функционираат 334 откупни пункта, а сите откупувачи треба да почнат со работа најдоцна до 1 декември. Откупот ќе се врши според договорените цени и класификацијата на тутунот.












