Мароканските власти почнаа да градат бариера висока четири метри пред шпанскиот автономен град Сеута за да спречат повторување на масовниот упад во енклавата, објави весникот „Магреб Тајмс“.
Весникот наведува дека оградата или бариерата се гради на периферијата на градот Фнидек, само неколку километри од Сеута, со цел да се спречат нелегалните мигранти да се приближат кон граничниот премин Баб Себта што води кон Сеута.
Неименувани полициски извори во регионотза весникот изјавија дека намерата е да се спречат какви било потенцијални собири во Финдек и да им се даде повеќе време на безбедносните службеници да реагираат пред нелегалните мигранти да стигнат до границата.
Весникот забележува дека властите распоредиле илјадници безбедносни службеници, помошни сили и воени единици во Финдек и на периферијата на Сеута.
Во зоната Сеута се спроведуваат посебни безбедносни мерки откако на социјалните мрежи се појавија анонимни извештаи за подготовки за нов масовен обид за преминување на границата и влегување во шпанската енклава. Упадот на мигрантите е наводно закажан за 15 август.












