Македонија е првата земја од Западен Балкан што ја заврши техничката фаза од дијалогот со Европската комисија за приклучување кон европскиот систем „Роаминг како дома“. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора.
Андоновски информираше дека со последната размена меѓу македонскиот преговарачки тим и Европската комисија се усогласени сите отворени прашања поврзани со текстот на договорот.
– Со Европската комисија го усогласивме текстот на договорот и како прва земја од регионот ја завршивме техничката фаза. Сега сме чекор поблиску до тоа граѓаните да ја почувствуваат оваа придобивка при секое патување во ЕУ – истакна министерот.
Со приклучувањето кон системот, македонските граѓани, при престој во земјите членки на Европската Унија, ќе можат да телефонираат, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилен Интернет според условите на домашните тарифи, без дополнителни трошоци за роаминг.
За процесот на самитот ЕУ – Западен Балкан, одржан на 25 ноември во Брисел, информираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека Македонија прва во регионот го завршила техничкиот дел од процесот и изрази очекување дека граѓаните наскоро ќе ги користат мобилните услуги во ЕУ по домашни цени.












