Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека Македонија мора да изгради национален дата-центар за да обезбеди сигурност и непречено функционирање на државните дигитални услуги наместо да бидат распоредени податоците и серверите на повеќе од 40 локации во Скопје. Ова беше истакнато на панел-дискусијата „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“, во рамките на конференцијата организирана од Стопанската комора и од УНДП.
– Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизацијата или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедноста, туку и на сигурноста и континуитетот на државните услуги – рече Андоновски.
Проектот за национален дата-центар е предвиден како индикативен во Планот за раст на ЕУ и во Реформската агенда на државата, а се разгледуваат можности за дополнително финансирање. Андоновски предупреди дека без сопствена инфраструктура, земјата ќе стане позависна од странските технолошки компании, особено со забрзаниот развој на вештачката интелигенција. Според него, Македонија годишно создава речиси илјада ИТ-инженери, кои треба да се специјализираат за кибербезбедност, „клауд компјутинг“ и за управување со дата-центри.
Како потенцијални локации за развој на помали и на средни центри за податоци ги посочи напуштените индустриски капацитети и индустриските зони во Скопје и во Охрид, како и подрачјето околу Неготино. На дискусијата, Петар Пешев од „Ултра“ предупреди дека не сите дата-центри имаат исти енергетски и еколошки последици, особено оние наменети за вештачката интелигенција, кои бараат значително повеќе електрична енергија и посложено ладење.












