Илинден ќе добие обновена спортска сала, додека во Мралино ќе се санира Домот на културата.

Од Општина Илинден информираат дека реконструкцијата на спортската сала се врши по речиси дведецениско нејзино користење. Проектот опфаќа санација на паркетот со стружење и нанесување три слоја специјален заштитен лак отпорен на гребење и пролизгување, како и целосно ново бележење на теренот за повеќе спортски дисциплини. Ќе бидат извршени и молерисување на ѕидовите и таваните, бојадисување на трибините, замена на заштитната ограда и поставување нови седишта на трибинскиот простор. Предвидени се и замена на гумираниот под, целосна реконструкција на соблекувалните, како и бетонирање стопи и поставување метални елементи за монтажа на мобилни столбови за одбојка. Претходно, заменети се дотраените металхалогени рефлектори со современи ЛЕД-светилки, со што значително се подобрени енергетската ефикасност и квалитетот на осветлување на просторот.
Проектот за обновувањето на Домот на културата во Мралино предвидува комплетна обнова на покривната конструкција, поставување нов пластифициран лим, како и монтажа на нови хоризонтални и вертикални олуци, со што ќе се обезбеди долготрајна заштита на објектот. Предвидено е и поставување нови ПВЦ-врати и прозорци, нови плочки на надворешните скали и на терасата, како и заштитна ограда. Градежните активности опфаќаат и санација на фасадата, а во внатрешноста на објектот ќе се постави гипс-картон со глетување и молерисување на ѕидните површини, како и целосно внатрешно осветлување, со што просториите ќе добијат современ и функционален изглед.












