Принудно наплатување веднаш или повторно давање неколкумесечен рок на Собранието да изврши корекции во Законот за извршување за да не дојде до блокада на државните и општинските јавни претпријатија. Ова, извесно, ќе биде дилемата пред која наскоро ќе бидат поставени уставните судии кои ќе треба да донесат конечна одлука во случајот во кој се бара укинувањето на правната заштитата на овие државни претпријатија од принудна наплата од лицата кои имаат побарувања од нив. Иницијативата со која се бараше извршителите веќе да немаат никакви правни пречки да одземаат пари од сметките на државните и на правните претпријатија е веќе прифатена од судиите и сега останува само да се донесе конечна одлука.
А одлуката може да донесе тешки последици по работењето на државните и на општинските комунални претпријатија, кои, во голем дел, имаат загуби во своето работење. Во таква ситуација тие работат и исполнуваат, како-така, свои основни функции да собираат ѓубре, да испорачуваат вода, да негуваат градски зеленила и слично, само благодарение на оспорените одредби кои предвидуваат од нивната сметка да не може принудно да се земаат пари или средства потребни за извршување на основната дејност. Но, Уставниот суд, се чини, деновиве почна да ја подготвува јавноста, но и надлежните, за својата одлука која ќе биде донесена, а која може да предизвика големи последици. Така, деновиве, на фејсбук-страницата на Уставниот суд беше објавена интегрална одлука на судиите со кои е прифатена иницијативата, а што беше решено уште на 21 јануари оваа година. Речиси во исто време, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, излезе со интервју во медиумите, во кое предупредува за каква сериозна ситуација се работи.
Одлука со тектонско поместување
Според Костадиновски, нивната одлука за членот 218 од Законот за извршување може да направи „тектонско поместување“.
– Со овој член, државата, општините и јавните претпријатија, практично, имаат привилегирана позиција во однос на граѓаните и на компаниите кога станува збор за наплата на долгови. Ние ги оспоруваме првиот и вториот став со кој се овозможува на судиите од основните судови, на подрачјето каде што се наоѓа должникот како државна институција, општина или јавно претпријатие – да одлучуваат дали и во колкав износ може да се спроведе извршување. Ваквото решение создава сериозни проблеми во владеењето на правото, бидејќи институциите можат со години да не ги плаќаат долговите. Нам ни е јасна идејата на законодавецот да овозможи непречено работење на комунални претпријатија. Но, долгот на комуналните претпријатија во земјава е околу 200 милиони евра. Тоа се нечии пари, пари кои не се виртуелни и кои некој ги побарува – изјави Костадиновски во интервјуто за порталот „Пари.мк“.
Во објавената одлука на Судот, детално е аргументирано зошто е спорно побарувачите да не може да си ги добијат своите пари од овие државни претпријатија.
– Законодавецот вовел генерална и нејасна забрана за извршување судска пресуда врз предмети и права, заснована на неодреден правен стандард „неопходни за вршење на дејноста“, без да се утврдат јасни и прецизни критериуми. Со ваквото уредување, правосилната судска пресуда се сведува на декларативен акт, што е спротивно на начелото на правна сигурност. Побарувањето утврдено со правосилна и извршна пресуда претставува имот во смисла на член 30 од Уставот. Оттука, со законското исклучување на можноста за извршување, државата де факто го оневозможува уживањето на тоа право, без обезбедување алтернативен, ефективен механизам за наплата – се наведува во образложението на судиите.
Побарувањата брзо да ги наплатуваат сите
Од друга страна, од редовите на комуналните претпријатија доаѓаат предупредувањата дека ако се тргне ваквата забрана, тие ќе се најдат во исклучително тешка ситуација.
– Ако се донесе одлука со која ќе може да се вршат принудни извршувања и да се одземаат пари од наши сметки и наши средства за работа, ние веќе нема да можеме да функционираме. Состојбата не само што ќе се влоши туку ќе биде катастрофална. Постојано ќе ни се одземаат пари од сметките. Ќе дојдеме во ситуација да не може да плаќаме нафта за возилата, да не може да плаќаме сметки за струја и да им испорачуваме вода на граѓаните преку нашите пумпи и слично. Кризата со војната во Иран, со поскапувањето на горивата, ќе биде нула во однос на ова – вели Игор Спасовски во изјавата за весникот ВЕЧЕР, член на Управниот одбор на Асоцијација на комунални претпријатија во Македонија АДКОМ.
Тој додава дека веќе сега мора да се мисли на последиците на евентуалната одлука на уставните судии.
– Ако е потребно да се задоволат побарувањата на оние што бараат редовно и без чекање да им ги плаќаме фактурите, треба да се обезбедат и услови, за ние како комунални претпријатија да може брзо да ги наплатуваме наши побарувања за испорачаните услуги. Ако јас брзо ги наплатам околу 60 милиони денари што ми ги должат од разни страни, лесно ќе исплатам 28 милиони денари колку што должиме. Ако уште се обезбеди да имаме пореални економски цени за одвоз на сметот, за испорака на вода, тогаш сè ќе биде поправедно. Сега не е таква состојбата и мора да се интервенира – нагласува Спасовски, кој е директор на општинското комунално претпријатие „Солидарност“ – Виница.
Проблем со Собранието кое е уставно недисциплиниран орган
Главното прашање што се поставува сега е каква одлука ќе донесат уставните судии со оглед на тоа дека е речиси извесно дека ќе се интервенира во законската одредба. Во таква ситуација може да се донесе одредба која ќе стапи во сила веднаш или, пак, на законодавецот ќе му се даде временска можност да изврши промени во одредбата за да се одбегне блокирањето на работата на државни и општински претпријатија. Претседателот на Судот, во интервјуто, изрази разочараност од досегашниот однос на македонското Собрание кога се работи за исполнување на барањата на Уставниот суд во однос на менување на оспорените одредби. Според него, Собранието е уставно недисциплиниран орган и затоа Уставниот суд веќе нема да толерира непочитување на неговите одлуки. Судот во повеќе наврати носел таканаречени интерпретативни одлуки, со кои му дава рок на законодавецот да го усогласи законот со Уставот. Но, парламентот често не постапувал по тие одлуки и роковите истекувале без промени во законите.
– На Собранието му дадовме три шанси. Прво беше Законот за електронски комуникации. Му одредивме рок, два до три месеци не ја почитува нашата одлука. Му дадовме рок за да не настанат несогледливи последици за Кривичниот законик, за измените на Кривичниот законик. Десет месеци. Тоа ли е однос кон Уставниот суд? Така ли се однесува Собранието? Затоа, кога разговаравме, реков, не сум сигурен, можеби е подобро од сега, барем за мене, личниот став го кажувам, веќе нема интерпретативни одлуки, иако тие се многу здрави за да не настане правна празнина, да не трпат граѓаните. Не, не, сега, како судија, кога ќе гласам или кога ќе давам предлози, јас би одел со одложен ефект за да веќе нема компромиси. Зашто тие покажаа непочитување кон Уставниот суд – најави Костадиновски. (Б. Ѓ.)
Гаши: Постапката ќе биде иста
На неодамнешниот брифинг со новинарите, собранискиот претседател, Африм Гаши, на новинарското прашање врзано за последиците од евентуалната одлука на Уставниот суд, одговори дека „процедурата ќе биде иста“.
– По секоја одлука на Уставниот суд, ние веднаш постапуваме. Нормално, прво пак ќе бараме мислење од Владата и од повиканите министерства и институции и ќе ги прашаме бидејќи експертизата е кај нив. Ќе настојуваме барањата на Судот да се спроведат во најкус можен рок. Процедурата е таа, без разлика на сериозноста на прашањето. Но, треба сите институции да имаат слух за прашањето, а не само една. Ако сите институции се експедитивни, државата ќе функционира како што треба – одговори Гаши.












