Забраната за пристапот на социјалните мрежи за малолетниците не може да биде единствено решение, туку е потребен поширок систем на нивна заштита. Ваков е ставот на Министерството за дигитална трансформација, откако во македонската јавност се случува нов бран барања и ставови на граѓаните врзани за воведувањето на ограничувањето кое го применуваат сè повеќе земји во светот. По неодамнешните анкети со граѓаните и петиции, сега се појавуваат и нови анкети и акции за собирање потписи на граѓаните со цел и Македонија да се најде меѓу земјите кои воведоа таков вид ограничување на лицата помлади од 15-16 години.
Весникот ВЕЧЕР денеска објави најново истражување на јавното мислење што го спроведе „Ипсос Скопје“ и кое покажало дека македонските граѓани се особено ригорозни кога станува збор за одредувањето на возрасната граница за употреба на социјалните мрежи кај децата. Мнозинството смета дека пристапот до социјалните мрежи треба да биде забранет за децата до 14-16 години, што е во согласност со законодавните иницијативи во повеќето европски земји.
– Резултатите од ова истражување јасно покажуваат дека македонската јавност има цврст и недвосмислен став кога станува збор за онлајн безбедноста на децата. Дури 82 отсто од граѓаните ја поддржуваат забраната за користење социјални мрежи кај малолетниците, што нè позиционира рамо до рамо со Франција, меѓу најригорозните земји во Европа. Она што е особено значајно е единството на ставовите. Без разлика на возраста, образованието, регионот или дали имаат деца во домаќинството, поддршката е речиси универзална. Мнозинството граѓани сметаат дека границата треба да биде поставена на 14-16 години, а три четвртини бараат и ограничување на паметните телефони – изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на „Ипсос Скопје“, Билјана Петрова.
Напоредно со ова, деновиве и познатата актерка Весна Петрушевска започна иницијатива за собирање 10.000 потписи со цел, како што вели, да се стави „црвено светло“ за политичките партии и да се отвори прашањето за заштита на децата на социјалните мрежи. Таа, преку јавен повик, апелира граѓаните да се приклучат преку платформата за петиции. Како аргумент за својата иницијатива, таа посочува примери од повеќе држави кои веќе воведуваат рестрикции за користење социјални мрежи од страна на малолетници. Во обраќањето, таа нагласи дека, доколку не се постигне ни минимална граѓанска мобилизација, тоа ќе биде доказ за, како што вели, пасивноста во општеството.
– Ако не го можеме ова, тогаш навистина ќе ми се потврди дека сте херои само на тастатура – наведе Петрушевска во својата објава.
И претходни анкети, како онаа на Институтот за демократија покажа дека 76 проценти од анкетираните граѓани ја поддржуваат забраната за социјални мрежи за деца под 12 години. Убедливо мнозинство бара и дополнителна регулација за малолетници до 16 години. Истовремено, и граѓанската иницијатива „За безбедно детство“ во своја петиција за донесувањето на забраната собра околу 3.000 граѓански потписи кои се доставени до Министерството за дигитална трансформација.
Но, од овој владин ресор сè уште сметаат дека уште не е време за ваква забрана.
– Министерството за дигитална трансформација смета дека безбедноста на децата во дигиталниот простор е прашање кое бара јасен, системски и одговорен пристап. Во однос на иницијативите за забрана или ограничување на користењето социјални мрежи за деца под 15 години, Министерството смета дека ваквата мерка треба сериозно да се разгледа во рамки на поширок јавен и институционален процес. Притоа, секое решение мора да биде внимателно дизајнирано, правно издржано, пропорционално и усогласено со европските стандарди за заштита на децата, приватноста и личните податоци.
Нашиот став е дека забраната, сама по себе, не може да биде единствено решение. Таа мора да биде дел од поширок систем кој вклучува дигитална едукација, поддршка за родителите, јасни правила во училиштата, механизми за пријавување и постапување при онлајн ризици, како и поголема одговорност од страна на платформите – се наведува во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
И комуниколозите сметаат дека воведувањето на забраната треба да почека.
– Забраните во секоја сфера можат да бидат ефикасни единствено ако наидуваат на поддршка кај мнозинството на кои се однесуваат, ако можат целосно да се спроведат и ако се понудат алтернатива на она што се забранува. Ако зборуваме за забрани за социјални медиуми за деца до одредена возраст, треба да бидеме свесни дека за да успее таа мерка, се бара целосна вклученост на родителите во спроведувањето на истата. Државите и институциите не можат сами да спроведат вакви мерки и забрани, едноставно, улогата на родителите, па и на наставниците и на професорите, ќе биде клучна за тоа дали ќе се успее во мерката или не – изјави комуникологот Бојан Кордалов за весникот ВЕЧЕР.
Деновиве, норвешката влада соопшти дека ќе предложи забрана за користење на социјалните медиуми од страна на деца под 16 години, а минатиот месец, турскиот парламент донесе закон со кој се забранува користењето на социјалните мрежи за лица под 15 години. Францускиот претседател, Емануел Макрон, неодамна предложи младите да имаат „ден без интернет“ за да се поттикне враќање кон активности како читање и спорт. И другите лидери на водечките земји на ЕУ разговарале за можни ограничувања на пристапот на деца до социјалните медиуми… Се чини дека, и во Македонија, сè повеќе зајакнува свеста за потребата од слична мерка, со оглед на сè позачестените случаи на врсничко насилство кое потоа се споделува на социјалните мрежи, но и други видови дигитално насилство. (Б. Ѓ.)
Да се намали притисокот на социјалните мрежи во училишната средина
Министерството за дигитална трансформација, заедно со Министерството за образование и наука, поддржуваат разгледување модел за забрана или строго ограничување на користењето мобилни телефони за време на наставата.
– Моделот треба да има јасни исклучоци кога тие се користат за образовни цели. Целта е да се намалат дигиталните дистракции, да се подобри концентрацијата на учениците, да се спречи снимање и ширење инциденти и да се намали притисокот од социјалните мрежи во училишната средина. Се разгледува и воведување видеонадзор во заедничките простории и училишните дворови, како превентивна безбедносна мерка. Ваквото решение мора да биде строго регулирано, пропорционално, транспарентно кон учениците и родителите и целосно усогласено со правилата за заштита на личните податоци – наведуваат од Министерството за дигитална трансформација.












