Министерството за правда ќе направи нов обид да ја деблокира работата на Работната група за измени на Изборниот законик, а по што ќе биде појасно што да се прави понатаму. Весникот ВЕЧЕР дознава дека за следниот понеделник ќе биде закажана нова средба на партиските претставници во ова тело во обид да се продолжи со работата. Досега, откако најголемата опозициска партија, СДСМ, донесе одлука да не учествува во работата поради незадоволството од укинувањето на пржинската влада, не се одржаа две средби.
– Следниот состанок е закажан за 11 мај. Инаку, до овој момент, не е доставено писмено известување од СДСМ за напуштање на работната група – изјавија денеска од Министерството за правда за ВЕЧЕР.
Според најавите, тешко може да се очекува дека на закажаната седница ќе се појават претставниците на опозициските социјалдемократи.
– Нашиот став за неучеството останува ист и не сме го смениле, а не сме добиле некоја нова покана – изјави денеска за весникот ВЕЧЕР Оливер Спасовски, член на работната група од редовите на СДСМ.
По ова, останува дилемата дали в понеделник, во случај на недоаѓање на претставниците на оваа опозициска партија, групата ќе продолжи со работа или, пак, ќе се случи одложување.
Од Министерството за правда потсетија дека Изборниот законик се носи со консензус на членовите на меѓупартиската работна група. Такво нешто е предвидено во донесениот Деловник, откако е постигнат договор сите одлуки да се носат со консензус, а седниците да се одржуваат доколку е присутно мнозинството од членовите.
Министерот за правда, Игор Филков, кој претседава со групата, по неодамнешното неодржување на средбата предупреди дека секое блокирање на процесот значи и блокада на реформската агенда.
– Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната група за реформа на изборното законодавство, директно е загрозено добивањето на 4.281.000 евра, а со блокадата на Законот за Јавно обвинителство, дополнителни 6.422.000 евра. Тоа се пари кои може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството – нагласи Филков.
Инаку, на неколку досегашни средби, меѓупартиската група го разгледуваше внесувањето во Изборниот законик на препораките на меѓународните организации ОБСЕ/ОДИХР. Со препораките се предлага повеќе простор во медиумите за помалите политички партии, преиспитување на регулативите за платено политичко рекламирање, нови правила за донации, ревидирање на начинот на избор на јавни и државни службеници во изборните органи, можност да се заменуваат случајно згрешените гласачки ливчиња… Партиските претставници досега не го разгледувале барањето за воведување само една изборна единица наместо сегашните шест. (Б. Ѓ.)












