Одлуката на Европската Унија (ЕУ) за ограничување на плаќањата во готово до 10.000 евра ќе стапи на сила во јули 2027 година. Одлуката беше донесена во 2024 година како дел од пакетот за борба против перење пари и е дел од Регулативата 2024/1624.
Ограничувањето од 10.000 евра се однесува на плаќања за стоки и услуги каде што барем една страна во трансакцијата е правно лице, т.е. фирма или компанија.
Едноставно кажано, граѓаните на ЕУ нема да можат да платат за автомобил од 50.000 евра во готово ако на пример го купат во изложбен салон. Сепак, оваа одредба не се однесува на трансакции меѓу поединци. Ова значи дека купувањето половен автомобил од друг граѓанин, на пример, сè уште ќе биде можно за износи повисоки од 10.000 евра, во зависност од правилата на конкретната земја.
Регулативата им остава можност на земјите-членки да воведат пониски ограничувања. Вакви ограничувања веќе постојат во некои земји, како што е Италија.
Имаше многу јавни шпекулации дека ЕУ се обидува да ги елиминира готовите пари на овој начин, но економските експерти истакнуваат дека со оваа мерка, ЕУ не ја забранува употребата на готовина, туку ја ограничува за поголеми износи. Граѓаните и компаниите сè уште ќе можат да користат готовина за помали трансакции.
Главната цел на оваа одлука е борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, како и намалување на анонимните големи трансакции.
Според „Еуроњуз“, со воведување ограничувања, ЕУ сака да пренасочи повеќе трансакции кон канали што можат да се следат, со што ќе се намали просторот за злоупотреба. Европската комисија верува дека ова ќе ги хармонизира правилата и ќе ги затвори „дупките“ што ги користат криминалните групи.












