Комбинаториките за министерски промени и размени на ресорите во македонската Влада, извесно, викендов, ќе доживеат кулминација по најавите дека денес и утре ќе бидат одржани клучните средби на коалициските партнери. Паралелно со ова, станува сè поизвесно дека ќе биде значаен бројот на предвидени промени и ротации. Односно дека може да надмине една третина од вкупно 24. функционерски позиции колку што ги има во владиниот кабинет. Ова синоќа, на свој начин, го најави и премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за националниот јавен сервис МРТВ, каде што изјави дека договорените кадровски промени ќе финишираат најдоцна до вторник. Според него, сè уште не е донесена конечна одлука дали ќе остане реконструкцијата во рамките на една третина од владините функционери или ќе опфати поголем број позиции.
– Сега ќе видиме дали ќе биде тоа во рамките на една третина или ќе биде повеќе, но очекувам реконструираната Влада, доколку ја добие довербата од пратениците, многу успешно да го заврши својот мандат. Во вторник следната недела ќе се одржи состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по кој ќе се знаат персоналните решенија и промени на ресорите во рамките на планираната реконструкција на Владата – најави Мицкоски во интервјуто.
Тој објасни дека реконструкцијата не се прави само поради резултатите постигнати досега туку и поради, како што кажа, промена на приоритетите. Односно дека секој од владините партнери си има свои приоритети во одредени области.
– Не се битни само резултатите, дали биле добри или недоволно добри или, можеби, воопшто немало резултати, понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Можеби, тие приоритети пред две години имале една форма, по две години имаат поинаква форма. И логично е владините коалициски партнери, по овие две години, да ги искристализираат сопствените приоритети и онаму каде што може најмногу да придонесат. Мислам дека оваа реконструкција ќе биде во тој дух и со таква форма – рече тој.
Во меѓувреме, партнерите во Владата почнуваат и јавно да кажуваат некои свои приоритети во однос на добивањето конкретни ресори во Владата, а со кои досега не раководеле. Така, на пример, еден од копретседателите на Вреди, Билал Касами, завчера изјави дека тие ќе ги зајакнат своите позиции во реконструираната Влада и дека веќе побарале да раководат со ресорот за култура.
– Ние сме во завршна фаза на склучување на договорот. Вреди ги зајакнува своите позиции во Владата, бидејќи презема шест министерства со конкретни ресори. Во оваа комбинација се разговара и за Министерството за култура, кое е дел од преговорите. Ние побаравме кадар на Вреди да раководи со ова Министерство. Со министерствата со кои досега сме раководеле и со оние по реконструкцијата, а кои директно влијаат врз правата и унапредувањето на положбата на Албанците, се наоѓаме во многу подобра позиција отколку што порано беше ДУИ – изјави Касами во едно телевизиско интервју.
Министерот за култура од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Љутков, пак, денеска изјави дека до крајот на неделата ќе има повеќе информации околу неговата евентуална реконструкција.
– На средина од процесот сме. Што и да се случи, јас сум тука и секогаш стојам зад културата. Културата е нашиот идентитет, нашата традиција и мислам дека е најважното министерство во една влада – изјави вчера Љутков при поднесувањето на отчетот за двегодишната работа.
Изјавата на Касами само ги потврди досегашните информации со кои Вреди е во интензивни преговори со премиерот Мицкоски околу разменета на ресорите. Според неофицијални верзии, Вреди има апетит да го добие и ресорот за правда, како и ресорот за односи меѓу заедниците. За возврат, на ВМРО-ДПМНЕ би ѝ ги ослободиле ресорите за здравство, за евроинтеграции, социјална политика, добро владеење…
Актуелниот министер за здравство, Азир Алиу, денеска порача дека неговиот политички ангажман „не е поврзан со функцијата што ја извршува, туку со желбата да придонесе за промени во општеството“. Тој истакна дека ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните без оглед дали во иднина ќе биде министер, професор или експерт.
– Дали мојот придонес ќе биде како министер, како експерт или како професор – не знам. Можеби, функциите не зависат од мене, но политичката активност што ја имам и вредностите што ги носам зависат од мене. Тоа никој не може ниту да ми го даде ниту да ми го одземе. Ќе продолжам да придонесувам за ова општество на начин на кој ќе ми биде овозможено – порача Алиу.
Расплет треба да добијат и разговорите меѓу движењето ЗНАМ и премиерот Мицкоски откако на првата средба не се постигна согласност околу промените што ги планира првиот човек на Владата. По неодамнешната четиричасовна средба во јавноста, протекоа информации дека на ЗНАМ му било понудено да го преземе ресорот за земјоделство, а да го ослободи оној за правда на чело со министерот Игор Филков. Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ, на вчерашната конференција за печат изјави дека сè уште нема конечен договор за ниту едно прашање поврзано со реконструкцијата на Владата. Прашан што бара ЗНАМ за возврат доколку го напушти ресорот за правда и дали станува збор за МВР, Министерството за финансии или Министерството за одбрана, Мемов одговори дека ЗНАМ не барало да влезе во Владата, туку било покането од ВМРО-ДПМНЕ.
– Пред две години, движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во Владата со свои кадри, имајќи ги предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуството што може да ги даде ЗНАМ во Владата. Оттаму, ние не сме тие што бараа да влезат во Владата. Ние бевме поканети да влеземе во Владата – рече тој.
Во врска со тоа дали се анализира работата на секој министер поединечно и дали може тоа да биде причина за промени, Мемов рече дека се прави анализа и евалуација на работата на сите министри, а не само на министрите од ЗНАМ.
– Ова не е испитување и оцена на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, се прави анализа на работата на сите министри во Владата и генерално работата на Владата и спроведувањето на владината програма. ЗНАМ влезе во Владата не заради задоволување лични амбиции и задоволување на кадровски решенија. Ние влеговме во Владата поради остварувањето на програмските определби, цели и принципи на ЗНАМ што се составен дел на владината програма. Оценуваме дека во овој двегодишен мандат владината програма се спроведува со интензитет и на начин што сме го димензионирале на самиот почеток при влезот во Владата – изјави Мемов.
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да нема конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ, Мемов одговори дека „се отворени сите опции“. (Б.Ѓ.)












