Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата денеска ќе поднесе кривични пријави поврзани со случајот „Алта банка“, обвинувајќи ја актуелната власт за обид за заташкување на скандалот и избегнување одговорност.
Во објава на социјалната мрежа Х, Филипче посочи дека пријавите ќе се однесуваат на, како што тврди, влезот на Алта банка, притисоците, сметките и трансферите, потеклото на капиталот, како и парите на граѓаните и јавните претпријатија.
Тој ја обвини власта предводена од Христијан Мицкоски дека се обидува да ги сокрие финансиските трансакции и наводните врски со криминалниот клан на српскиот претседател Александар Вучиќ.
– СДСМ поднесува кривични пријави за Алта банка. Организираната криминална група на Христијан Мицкоски сака да го заташка скандалот со Алта банка и да избега од одговорност. Да сокрие сметки, трансакции, потекло на капитал, врските со криминалниот клан на Вучиќ. Да не се дознае кој потпишал и за чии интереси – наведува Филипче.
Тој додаде дека, според него, претходните пријави на Мицкоски и гувернерот Славески против опозицијата се резултат на паника во власта. Филипче порача дека СДСМ нема да се откаже од барањето за утврдување одговорност и дека со поднесувањето на кривичните пријави ќе бара институциите да ги испитаат сите околности поврзани со случајот.
– Сега е ред на СДСМ, на вистината и правдата. Мицкоски, го копираш Вучиќ. Вучиќ падна. Истрагите се отвораат – порача претседателот на СДСМ.
Засега, станува збор за обвинувања и најави на опозициската партија, а евентуалната одговорност ќе треба да ја утврдат надлежните институции.












