Забраната за двојно државјанство да важи за министрите, вицепремиерите и целиот состав на Владата и тоа веднаш, суштина е на Предлог-закон за изменување на Законот за Владата кој денеска го поднесе пратеничката група на СДСМ.
Од партијата наведуваат дека со овој предлог се поставува принцип на еднаквост, односно исти правила да важат за сите избрани и именувани функционери, без исклучок.
СДСМ истовремено ги критикува најавените измени на Законот за пратеници од страна на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека тие не предвидуваат веднаш да стапат во сила, туку да важат од наредниот парламентарен состав.
-Очигледно е дека целта е да се заштитат актуелните пратеници и министри кои имаат и други државјанства. Ова е нечесно и спротивно на принципите на одговорност – наведуваат од СДСМ.












