На прашање од медиумите дали телефонски се слушнал со премиерот Христијан Мицкоски и како го толкува повикот од првиот човек на Владата, државниот обвинител Ненад Савески потврдува и објаснува дека не се зборувало за детали од конкретен предмет.
”Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски му се јави Претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување.
Предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно. Имено согласно чл.3 од Законот за јавното обвинителство, обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.
Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите, стои во писмената изјава на обвинителот Савески.
Денеска премиерот на новинарско прашање за запрената истрага за ТЕЦ Неготино, обзнани дека телефонски разговарал со шефот на обвинителите кој му пренел дека не бил информиран оти предметот се затвора во ОЈОГОКК.
Надлежната обвинителка Коларевиќ на брифнигот вчера рече дека немала двоумење во одлуката за запирање на истрагата поради недокажување на сомненијата.












