
Саудиска Арабија ги намали испораките на нафта за Европа, откако нападите со беспилотни летала оштетија клучен цевковод што транспортира сурова нафта до Црвеното Море. Новото нарушување веќе се почувствува на пазарот, каде што цените на одредени физички товари во Европа надминаа 120 долари за барел, додека големите купувачи брзо бараат алтернативни набавувачи.
Според информациите на „Ројтерс“, Саудиска Арабија ги информирала европските купувачи дека дел од пратките на сурова нафта закажани за испорака во септември ќе бидат откажани.
Проблемите почнаа по нападот врз нафтоводот Исток – Запад, кој ги поврзува саудиските нафтени полиња на истокот од земјата со брегот на Црвеното Море. Ријад ја обвини проиранската група од Ирак за нападот, а поради предизвиканата штета, нафтоводот беше затворен во петокот. Тоа е маршрута која одигра особено важна улога во последните шест месеци бидејќи ѝ овозможи на Саудиска Арабија да пренасочи голем дел од својот извоз кон Црвеното Море и на тој начин да го заобиколи Хормускиот Проток, преку кој сообраќајот е сериозно нарушен поради војната и безбедносната ситуација. Прекинувањето на гасоводот ја остави Саудиска Арабија без една од најважните алтернативни рути за извоз на нафта, преку која според „Ројтерс“ во последните месеци биле пренасочени четири до пет милиони барели дневно, што одговара на приближно четири до пет проценти од глобалната понуда.











