вторник, октомври 6, 2026
Дома КУЛТУРА Сараевската „39 степеника“ најдобра претстава на „Денови на комедија“; Драмски и Битолски...

Сараевската „39 степеника“ најдобра претстава на „Денови на комедија“; Драмски и Битолски се закитија со по две награди

0

Заврши 29. Меѓународeн театарски фестивал во Куманово

„39 степеника“ на Народно позориште од Источно Сараево ја доби наградата за најдобра театарска претстава на 29. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово, кој оваа година се одржа од 23 септември до 5 октомври. Оваа претставата ја доби и наградата за најдобра режија – за Ана Григоровиќ.

„Секстет“

Народениот театар од Битола исто така доби две награди во Куманово и тоа за најдобра режија за Марјан Георгиевски и за најдобра костимографија за Андреј Георгиевски, за претставата „Секстет“.

„Секстет“ е комедија од Марк Камолети. Со својата изведба, екипата на оваа претстава ја воодушеви и ја насмеа до солзи кумановската публика, која ја исполни салата до последното столче.

„Болва в уво“

И Драмски театар од Скопје се закити со две награди на „Деновите на комедија“. Актерката Нина Елзесер ја доби наградата за споредна женска улога, а Марјан Наумов ја доби наградата за млад актер за претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов. Во претставата, Нина Елзесер ја игра улогата на Луси, а Марјан Наумов го игра ликот на Миле.

„Болва в уво“, една од најпознатите фарси на францускиот драмски автор Жорж Фејдо, во постановката на Драмски е динамична театарска машина во која еден мал сомнеж е доволен да предизвика лавина од недоразбирања. Љубовната несигурност го придвижува светот на погрешни врати и соби, заменети идентитети, неочекувани средби и луѓе кои постојано се наоѓаат на погрешното место во погрешно време.

Во рамките на фестивалот, публиката имаше можност да проследи 11 претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Десет претстави беа дел од натпреварувачката програма.

Фестивалот „Денови на комедија“ беше затворен со претстава која се изведе надвор од конкуренција, „Не можам да платам, не сакам да платам“ на Театар Куманово, посветена на годинашниот лауреат, Игор Џамбазов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.

ИЗДВОЕНИ