
За среќа, фудбалската репрезентација на Македонија, денеска (20:45 ч.), ќе го одигра претпоследниот натпревар од новото издание на Лигата на нации, а избраниците на Гоце Седлоски ќе ја имаат селекцијата на Шкотска за противник.
„Црвено-жолтите“ нема што да загубат на гостувањето во Глазгов, а можат многу да добијат ако најпосле одиграат еден натпревар како што треба. Првата меѓусебна пресметка на националната арена „Тодор Проески“ заврши со триумф на гостинот од 2:0, а нашиот национален тим беше поразен и на останатите три натпревари.
Спортската јавност во нашата земја и најверните навивачи со право не се оптимистички расположени пред почетниот судиски свиреж поради фактот дека откако Седлоски седна во селекторското столче Македонија шест пати беше поразена, два пати одигра нерешено, прими 18 погодоци, не постигна ниту еден, а на одиграните четири натпревари во Лигата на нации, репрезентативците упатија само еден директен удар кон противничкиот гол.
И покрај катастрофалната статистика, Седлоски останува на ставот дека нема да се предаде, дека го има потребниот квалитет за да биде селектор, а пред дуелот со Шкотска изјави дека неговите избраници не смеат да ги повторат грешките кои ги направија во Скопје.
– Треба да ги поправиме грешките што ги направивме на првиот натпревар со Шкотска. Од играчите барам да има трчање, желба и дисциплина во играта. Шкотска е силна репрезентација, но резултатите што се зад нас треба да ги заборавиме. Во овие два натпревари сакаме да се поправиме. Ова е список на фудбалери кои имаат минутажа во своите клубови и затоа се одлучив за овој состав, изјави Седлоски.
Неговиот колега од спротивната страна, Себастиен Покогноли, изјави пред натпреварот дека шкотскиот тим е во процес на изградба и дека фудбалерите се оние што треба да блеснат на зелениот терен.
– Критиката е дел од работата на тренерот, но ова е голема шанса да изградиме нешто ново. Јас се обидувам да ја пронајдам идеалната форма, да им помогнам на фудбалерите да блеснат на зелениот терен. После тоа, на нив е да покажат што знаат и умеат. Секогаш се обидувам да го адаптирам мојот тим, но тоа во голема мера зависи и од квалитетот на играчите. Верувам во мојот тим и убеден сум дека сме во совршена форма. Имаме храбар стил на игра, но за тоа е потребна и екстра енергија, изјави селекторот на Шкотска.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Словенија – Швајцарија, Шкотска – Македонија. Табела: Швајцарија 12, Словенија 7, Шкотска 4, Македонија 0 бодови.











