Голем скандал ја тресе ММА-сцената откако се појавија снимки од напад врз поранешниот УФЦ-шампион, Мераб Двалишвили, во Абу Даби. Во инцидентот, според информациите што се појавија во јавноста, учествувала група борци меѓу кои и Усман Нурмагомедов, братучед на легендарниот Хабиб Нурмагомедов.
Двалишвили престојувал во Абу Даби поради боречки настап против Марлон Мораес, кога бил нападнат во хотелско лоби додека давал интервју. Снимката од инцидентот ја објави Илија Топурија, по што таа експресно се прошири на социјалните мрежи. Според објавените информации, Нурмагомедов и дел од групата биле приведени.
Особено бурно реагираше актуелниот УФЦ-шампион во средна категорија, Шон Стрикленд, кој упати жестоки критики кон дагестанскиот борец, нарекувајќи го кукавица. Американецот побара и доживотна забрана за сите што учествувале во нападот, а со една од своите објави предизвика дополнителни реакции, откако во критиката го вклучи и прашањето за религијата.
Сепак, се појавија и информации дека на инцидентот му претходела расправија меѓу Двалишвили и борач близок до тимот на Нурмагомедов. Наводно, Грузиецот прв удрил со шлаканица, по што ситуацијата ескалирала во физичка пресметка.
Во целата приказна се вклучи и Нина Драма, интернет-личност блиска до Двалишвили, која побара УФЦ воопшто да не потпишува договор со Усман Нурмагомедов. Таа тврди дека нападот бил однапред испланиран и порача дека сите инволвирани мора да одговараат.
Контроверзноста доаѓа во чувствителен момент за Нурмагомедов, кој е слободен агент и се наоѓа во период на ексклузивни преговори со ПФЛ. Претходно, Дејна Вајт покажа интерес за негов ангажман во УФЦ, но по случувањата во Абу Даби, евентуалниот трансфер би можел да стане многу покомплициран.











