Американската скијачка легенда Линдзи Вон (42) продолжува да води тешка битка за целосно закрепнување по страшниот пад на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Девет месеци по несреќата, славната спортистка ја имаше деветтата операција, која претставува уште еден важен чекор во нејзиниот долг процес на рехабилитација.
Овој пат, лекарите извршија зафат при кој ѝ беа отстранети металните плочки и завртки од нејзината нога, со што се создадоа услови за вградување нов преден вкрстен лигамент. Вон потврди дека операцијата поминала успешно, а по интервенцијата објави и видео на социјалните мрежи на кое ги покажа металните делови извадени од нејзиното тело.
- Сето ова го извадија од мојата нога, напиша Американката, покажувајќи ја десната нога завиткана во завои.

Нејзината голгота започна уште пред Олимписките игри, кога заработи сериозна повреда на предниот вкрстен лигамент за време на трка од Светскиот куп. И покрај тешката повреда и напорната рехабилитација, Вон одлучи да настапи на Олимпијадата, но нејзиниот обид заврши трагично.
Во трката во спуст таа падна по само 14 секунди, по што мораше да биде евакуирана од патеката со хеликоптер. Оттогаш следува долг период исполнет со операции и неизвесност.
Иако нејзината иднина во професионалното скијање сè уште е доведено во прашање, Вон не се откажува од борбата за закрепнување и редовно ги информира своите фанови за секој нов чекор. Деветтата операција е зад неа, но патот до целосно враќање сè уште е долг.











