Светскиот женски тениски рекет број еден, Белорусинката Арина Сабаленка, го заврши учеството на Вимблдон со пораз од Јапонакта Наоми Осака со 6:2, 7:6. Потоа, на прес-конференцијата, отворено призна дека играла далеку под своето ниво, но, исто така, спортски ѝ честиташе на противничката, која целосно ја надигра.
– Очигледно, не сум задоволна од тоа како играв, Наоми едноставно ме избрка од теренот. Имав чувство дека игра на неверојатно ниво. Дадов сè од мене, но, за жал, не беше судено да биде така оваа година – почна Сабаленка.
Иако ја победи Осака три пати оваа сезона, на различни подлоги, Арина верува дека комбинацијата на подлоги и одличната форма на нејзината соперничка биле клучни на овој натпревар.
– Не го одиграв мојот најдобар тенис, додека таа, веројатно, го одигра натпреварот на својот живот. Се случува тоа во спортот. Понекогаш излегуваш на теренот, правиш сè што можеш и повторно губиш. Браво за Наоми, ѝ посакувам сè најдобро.
Новинарите беа заинтересирани како се гледа Сабаленка себеси во моментов и дали се чувствува како број еден во светот, со оглед на тешката елиминација.
– О тоа познато прашање… Ајде да го погледнеме официјалниот список: јас сум број еден во моментов. Во однос на нивото на игра, денес сигурно не бев најдобра во светот. Вчера бев. Искрено, во моментов воопшто не сакам да размислувам за рангирањето. Само сакам да одам, целосно да се опијам, да заборавам на тенисот и да се обидам да се вратам во подобра форма – кажа таа, што е подобрување во однос на Париз, кога, исто така, спомена „откажување од тенисот“ (но повеќе во афект).
Ова е, исто така, првпат по повеќе од шест години Белорусинката да биде елиминирана од гренд слем без да освои сет.












