Почна постапката за избор на компанија што ќе ја реализира завршната и најсложена фаза од санирањето на опасниот отпад од линдан во малата депонија на поранешниот хемиски гигант ОХИС во Скопје. Преку меѓународен тендер, кој го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проекти, се избира изведувач задолжен за ископ, третман и конечно отстранување на преостанатите количини опасен отпад од третата, четвртата и петтата касета на депонијата.
Тендерската постапка се отвора по најавата на Владата од крајот на минатата година дека ќе се обезбедат околу 12 милиони евра за финално расчистување на еден од најголемите еколошки проблеми во државата. Средствата се планираат за период од три години, со цел целосна санација на малата депонија со линдан, која со децении претставува сериозен ризик за животната средина и јавното здравје во Скопје.
Од стартот на проектот во 2021 година досега се ископани и уништени 1.969 тони линдан и 586 тони контаминирана почва. Сепак, според официјалните податоци, за целосно завршување на процесот остануваат уште околу 916 тони HCH-отпад, 2.191 тон загадена почва, 1.121 тон контаминиран бетон, како и приближно 70 тони почва загадена со жива.
Од ресорното Министерство информираат дека по завршување на евалуацијата и изборот на најповолен понудувач, ќе следува потпишување договор и подготовка на теренот, додека почетокот на финалната фаза на санација се очекува во септември годинава.
Изведувачот, покрај ископ и третман на опасниот отпад, ќе треба да предложи и трајно техничко решение за живата што беше откриена во дел од базените со линдан. Таа во моментов е безбедно складирана во еден од веќе санираните базени, каде ќе остане до донесување одлука за нејзино конечно отстранување, согласно со националните и меѓународните еколошки стандарди.
Паралелно со санацијата на малата депонија, како сериозен еколошки предизвик останува и големата депонија во кругот на ОХИС, за која се проценува дека содржи околу 50.000 тони линдан. Дополнително, значителни количества опасен отпад се лоцирани и на локалитетот Пеленица кај Драчево, каде што се евидентирани околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан индустриски отпад.












