Миклош Баер, 84-годишен пензиониран римокатолички бискуп, е еден од околу 60.000 Унгарци чии имиња се појавија на списокот на соработници на тајната полиција од крајот на Втората светска војна до 1990 година. Досиејата, кои беа запечатени 36 години, ја видоа светлината на денот на 4 ноември, кога Историскиот архив на Службата за државна безбедност на Унгарија лансираше база на податоци на Интернет што може да се пребарува. Но, историчарите предупредуваат дека појавувањето во тие документи не мора да претставува доказ за активна соработка.
Како што пишува „Њујорк тајмс“, базата на податоци дава оскудни податоци за тоа дали навистина поткажувале лицата од списокот и ако поткажувале, колку често и зошто. Унгарскиот портал „Атланцо“ идентификуваше околу 50 јавни личности чии лични податоци се совпаѓаат со оние во базата на податоци, а порталот 444.hu, утврди дека меѓу нив се: Иштван Сабо, режисер кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1982 година, за „Мефисто“, и Оскар Гати, актер познат, меѓу другото, како унгарскиот глас на Силвестер Сталоне и на Арнолд Шварценегер, кој, според објавената картичка број 6, бил регрутиран на 17 мај 1984 година
Отворените досиеја го исфрлија и името на Роберт Сикора, пејачот на групата R-GO, кој бил регрутиран во 1984 година на патриотска основа, како и на Јожеф Божик, олимписки шампион во фудбал, како член на познатата „Лесна коњица“ и поранешен тренер на унгарската репрезентација, кој почина во 1978 година. Има и други олимпијци, како, на пример, Ѓорѓе Гедо, олимписки шампион во бокс од Минхен во 1972 година и двократен европски шампион, кој наводно бил регрутиран месеци пред да го освои олимпиското злато.
Во досиејата, како луѓе што издавале се споменати и имиња на политичари, судии, нобеловци, богати бизнисмени… како, на пример: Карољ Сита, долгогодишен градоначалник на Капошвар; Андрас Пати, судија на Уставниот суд и поранешен ректор на Националниот универзитет за јавна служба; Јозеф Фелфелди, милијардер и производител на слатки од Дебрецен, познат по тоа што последниве години го критикуваше семејството Орбан на социјалните медиуми; Ласло Борхи, ректор на Универзитетот „Етвес Лоранд“ (ЕЛТЕ) од 2017 до 2025 година; Ласло Киш-Риго, римокатолички епископ на Сегед-Канада; Каталин Карико, биохемичарка и добитничка на Нобеловата награда за медицина за 2023 година, која во 2021 година изјави дека го потпишала документот за регрутирање по заканите поради учеството на нејзиниот татко во револуцијата од 1956 година, нагласувајќи дека никогаш не дала информации, ниту повредила некого.
На списокот на поткажувачи има и еден водител и диџеј – Тибор Девенџи, кој, според записите, бил регрутиран во 1975 година. „Њујорк тајмс“ наведува дека, сепак, релативно малку членови на унгарската елита се појавуваат во досиејата, што укажува на тоа дека биле избришани многу имиња пред или по падот на комунизмот.
Политичката борба околу отворањето на досиејата во Унгарија трае со години. Партијата Фидес на Виктор Орбан, која владееше со Унгарија 16 години во континуитет, го блокираше пристапот до податоци, а новиот премиер, Петер Маѓар, ја гледа објавата како чекор кон соочување со минатото.












