Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран навистина сака да постигне договор со САД и дека тоа би бил добар договор за Вашингтон и неговите сојузници. Неговата објава доаѓа само неколку часа откако американската војска соопшти дека нападнала ирански воени објекти во текот на викендот, а Иранската револуционерна гарда соопшти дека како одговор нападнала американска база. Ова е најновото во серијата размени на оган во време на разговори за завршување на тримесечната војна.
Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека „Иран навистина сака да постигне договор“. Истовремено, тој остро ги нападна сите критичари кои ги доведуваат во прашање неговите напори во преговорите со Техеран.
„Зарем овие ‘демократи’ и некои републиканци кои изгледаат непатриотски не разбираат дека ми е МНОГУ потешко правилно да ја вршам мојата работа и да преговарам, кога политички платеници постојано се жалат негативно, на нивоа какви што никогаш порано не се видени, повторувајќи постојано дека треба да делувам побрзо, или побавно, или да одам во војна, или да не одам во војна, или што и да е? Само седнете и опуштете се, на крај сè ќе излезе добро – секогаш излегувало!“, изјави Трамп.
Интересно е што во неговата најнова објава американскиот претседател не го спомена иранскиот напад врз цели во Кувајт, ниту жестоките американски воздушни напади врз цели во Иран извршени за време на викендот. Централна команда на вооружените сили на САД (CENTCOM) утрово официјално потврди дека биле извршени нови воздушни напади врз цели во Иран.
Официјалното соопштение на Пентагон беше објавено само неколку минути откако Кувајт соопшти дека бил под напад, по што се активирале сирените за воздушна опасност поради закана од ракети и дронови.












