За да се подобри животниот стандард на граѓаните, не е доволно само да се намалува инфлацијата туку е неопходно да растат и платите за граѓаните реално да ја почувствуваат разликата во својот семеен буџет. И покрај забавувањето на растот на цените, граѓаните и понатаму се соочуваат со високи трошоци за живот, а полните колички во маркетите стануваат сè потешко достижни за многу семејства. Економскиот стандард повторно е во фокусот на политичката дебата, при што власта и опозицијата имаат спротивставени ставови за тоа колку успешно се справува државата со економските предизвици и дали се преточуваат позитивните макроекономски показатели во подобар живот за граѓаните.
Според изнесените податоци, во државата има околу 750 илјади вработени, од кои приближно 120 илјади се во јавниот сектор, а другите во приватниот. Од околу 30 илјади лица што примаат минимална плата, според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, околу 79 проценти се трговци поединци со сопствен бизнис, кај кои обврските за плаќање придонеси влијаат врз можноста за зголемување на примањата.
Дурмиши оценува дека е подобрена куповната моќ на граѓаните во споредба со изминатите две години, а како аргумент ги наведува податоците за инфлацијата. Сепак, посочува дека доколку продолжи растот на цените, ќе мора да се разгледа и зголемување на минималната плата.
– Инфлацијата на годишно ниво изнесува 2,7 проценти, а кај храната зголемувањето е 1,7 проценти. Во септември, инфлацијата е зголемена за само 0,5 проценти. Ако продолжат да растат цените, ќе мора да порасне и минималната плата за да се задржи куповната моќ – вели Дурмиши.
Тој предупредува дека пребрзиот раст на платите може да создаде дополнителни инфлаторни притисоци, посочувајќи ја Црна Гора како пример за земја во која, според неговата процена, инфлацијата би можела да достигне 20 проценти во период од неколку години. Според него, растот на платите треба да биде усогласен со економските параметри, меѓу кои растот на производството и продуктивноста.
– Околу два проценти од вработените земаат минимална плата, додека 98 проценти примаат повеќе од минималната – посочува Дурмиши, повикувајќи се на податоците за структурата на примањата во државата.
Но граѓаните, особено оние со најниски примања, не го чувствуваат подобрувањето на куповната моќ во секојдневниот живот. Според наведените процени, иако е зголемена минималната плата за околу 1.600 денари, трошоците за живот се зголемиле за повеќе од 4.000 денари. Ова ја отвора дилемата дали е доволен растот на платите за да го следи поскапувањето на храната и на другите основни производи.
Премиерот Христијан Мицкоски, од друга страна, оценува дека економијата се движи во позитивна насока, повикувајќи се на растот на бруто домашниот производ и на забавувањето на инфлацијата.
– Растот на БДП во вториот квартал годинава е 4,3 проценти, што нè позиционира меѓу првите пет земји во Европа, со најголем раст во регионот – истакна Мицкоски, оценувајќи дека е консолидирана состојбата и во однос на трошоците за живот и на инфлацијата.
Според премиерот, просечната инфлација во третиот квартал изнесува околу 2,5 проценти, што е пониско ниво во споредба со повеќе земји од соседството.
– Во третиот квартал, просечната инфлација кај нас е 2,5 проценти. Каде било во соседството, дали е тоа нашиот јужен, источен или западен сосед, ќе забележите инфлација што е просечна од пет и повеќе проценти – рече Мицкоски.
Официјалните податоци за трошоците на животот покажуваат дека во септември 2026 година тие биле за 2,7 проценти повисоки во споредба со тој месец лани. Во август, годишната стапка на инфлација изнесувала 2,6 проценти, а во јули 2,3 проценти, при што просекот на овие три стапки е приближно 2,5 проценти.
Сепак, пониската инфлација не значи дека поевтинуваат производите, туку дека побавно растат цените. Токму затоа, и покрај подобрените макроекономски показатели, останува прашањето колку се чувствуваат економскиот раст и стабилизирањето на инфлацијата во семејниот буџет.
Од опозицијата, пак, сметаат дека оцените на власта не ја отсликуваат реалната состојба со животниот стандард. Според нив, на граѓаните им се потребни конкретни резултати преку повисоки плати и поголема куповна моќ, а не само поволни економски показатели. Опозицијата ја критикува и состојбата со јавните финансии, посочувајќи ги буџетските корекции и задолжувањето како аргументи дека економските проблеми остануваат нерешени.
Спротивставените ставови на власта и на опозицијата ја отвораат клучната дилема дали ќе се преточат позитивните макроекономски показатели во трајно зголемување на реалните приходи, подобар животен стандард и поголема финансиска сигурност за граѓаните. За нив, вистинскиот показател за економскиот напредок не е само колку расте БДП или колку забавува инфлацијата туку и дали ќе овозможат платите полесно покривање на секојдневните трошоци.
(А. С.)












