Со предавањето на базенот на Националната пливачка федерација се прави значаен исчекор кон воспоставување нов модел на управување со спортската инфраструктура во кој националните спортски федерации ќе имаат активна улога во управувањето со спортските објекти, со цел нивно поефикасно користење и создавање подобри услови за развој на спортот. Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека пливањето е меѓу приоритетите на Министерството и на Владата, нагласувајќи дека соработката со локалната самоуправа и со Националната пливачка федерација е важна за враќање на овој спорт на местото што го заслужува

Општина Карпош денеска ѝ го предаде на користење базенот кај спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во Карпош на Националната пливачка федерација.

Станува збор за објект што почна да се гради од поранешната Агенција за млади и спорт, но беше оставен недовршен. Со поддршка од Владата, Министерството за спорт обезбеди средства за негово доградување, а во јуни годинава ѝ беше предаден во владение на Општина Карпош.

Со предавањето на базенот на Националната пливачка федерација се прави значаен исчекор кон воспоставување нов модел на управување со спортската инфраструктура во кој националните спортски федерации ќе имаат активна улога во управувањето со спортските објекти, со цел нивно поефикасно користење и создавање подобри услови за развој на спортот.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека пливањето е меѓу приоритетите на Министерството и на Владата, нагласувајќи дека соработката со локалната самоуправа и со Националната пливачка федерација е важна за враќање на овој спорт на местото што го заслужува.

– Министерството за спорт, во соработка со Општина Карпош и со претседателот на Националната пливачка федерација, оди чекор понатаму, со цел да го вратиме пливањето онаму каде што заслужува: да биде еден од спортовите што им се приоритет на оваа Влада и на Министерството за спорт.  Во таа насока е и овој чекор, со кој првпат Пливачката федерација на Македонија ќе стопанисува со базени. За почеток, станува збор за два базени. И за другите базени, кога ќе ги довршиме, ќе најдеме соодветен договор со градоначалниците за и тие да ѝ бидат предадени на Пливачката федерација – изјави Ристовски.

Тој нагласи дека Федерацијата ќе добие и финансиска поддршка од Министерството за спорт и од Владата за да може правилно да стопанисува со овие објекти и тие да бидат максимално искористени за развој на пливањето.

– Нашата заложба е спортските објекти што ги гради државата да бидат стопанисувани од националните федерации, кои имаат квалитет и капацитет успешно да го реализираат тоа – истакна министерот Ристовски.

Министерството за спорт, со поддршка од Владата и во соработка со општините и со националните спортски федерации, продолжува со инвестиции во спортската инфраструктура и со создавање услови за поголема искористеност на спортските објекти, развој и унапредување на спортот во Македонија.

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, истакна дека примопредавањето е еден од значајните чекори за Општина Карпош во годината кога се одбележуваат 50 години од нејзиното основање, нагласувајќи дека приоритет ќе имаат најмладите.

– Верувам дека токму тука многумина ќе ги направат своите први пливачки чекори, ќе го засакаат спортот и еден ден ќе прераснат во вистински шампиони. Овој базен го предаваме во рацете на Националната пливачка федерација, со уверување дека ќе биде ставен во функција на децата, спортот и на граѓаните – заклучи Лукровски.

Претседателот на Националната пливачка федерација, Сашо Лазаревски, најави дека покрај работата со спортските клубови и подготовката на пливачите, Федерацијата ќе организира и бесплатна обука за учениците од основните училишта во Општина Карпош.

– Ќе работиме на тоа најмладите да ги унапредат своите пливачки вештини и да создаваат здрави спортски навики и се надевам дека токму од овие деца во иднина ќе произлезат и идните репрезентативци на Македонија – рече тој.

Националната пливачка федерација ќе ги утврдува динамиката и организацијата на активностите, вклучително и бесплатната обука за основците и рекреативното пливање.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ