Европската Унија од декември ќе го ограничи увозот на хибридни автомобили од Кина на 350.000 возила годишно. Според Европската комисија, оваа мерка би можела да го преполови уделот на кинеските производители на европскиот пазар, од сегашните 6 на 3 проценти.
Квотите ќе се воведат преку заштитни мерки на Светската трговска организација, кои овозможуваат побрза постапка од воведувањето антидампинг-мерки. Возилата што ќе ја надминат квотата нема да можат да се пуштат во промет и ќе останат задржани на царина во европските пристаништа.
Ограничувањето нема да важи за кинеските автомобили склопени во ЕУ, вклучително и во Унгарија или во идните фабрики во Шпанија, но ќе ги опфати возилата произведени во Кина, од европски компании.
Спогодбата постигната меѓу ЕУ и Кина во Пекинг минатата недела предвидува Кина да укине одредени царини за автоделови од ЕУ и да ги преполови давачките за европска обувка, маслиново масло и за сладолед.
Се очекува годинава во ЕУ да бидат продадени околу 800.000 хибридни возила произведени во Кина. Според податоците на кинеската царина, вредноста на извозот на овие возила во Унијата во првата половина од 2026 година се зголемила тројно, од 2,2 на 6,7 милијарди евра во споредба со тој период лани.












