Основното јавно обвинителство побарало определување притвор за Ива Михаилова од Кочани, која ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија и покрај изречените судски мерки. Основниот суд во Кочани дури утрово добил известување од МВР дека Михаилова не е пронајдена на домашната адреса и дека не се јавила во полиција, како што била обврзана.
Институциите реагирале речиси 24 часа откако Михаилова се појави во бугарските медиуми и јавно соопшти дека се наоѓа во Софија. Таа тврди дека легално ја преминала границата со својот адвокат и дека треба да започне лекување во болницата „Пирогов“.
Од МВР, пак, претходно соопштија дека во системот за гранична контрола нема евидентиран излез на Михаилова од Македонија.
Според информациите, судот утрово го известил надлежниот обвинител, по што до судот е доставен предлог за определување мерка притвор.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. Против неа се води судска постапка во Основниот суд во Кочани.
Одлуката за евентуално определување притвор и понатамошните мерки останува во надлежност на судот.












