вторник, октомври 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонија со највисок економски раст во регионот

Македонија со највисок економски раст во регионот

0

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми прогнозата за раст на македонската економија во 2026 година на 3,5 проценти, од претходно очекуваните 3,1 процент. За 2027 година, Фондот предвидува раст од 3,2 проценти.

Според најновите проекции, Македонија годинава ќе биде меѓу земјите со повисок очекуван економски раст во регионот, заедно со Албанија и со Косово, за кои, исто така, се прогнозира раст од 3,5 проценти. За Србија се очекува раст од 3,2 проценти, за Црна Гора 3 проценти, за Бугарија 2,6 проценти, за Босна и Херцеговина 2,3 проценти, за Хрватска 2,2 проценти, а за Грција 1,8 проценти.

Позитивна ревизија на прогнозата за македонската економија неодамна направи и Светската банка, која ги зголеми очекувањата за растот во 2026 година од 2,9 на 3,2 проценти. Според Банката, инфраструктурните проекти се меѓу факторите што треба да придонесат за економската активност. За 2027 и 2028 година се очекува раст од по 3 проценти.

Во октомврискиот извештај за глобалните економски перспективи, ММФ ја зголеми и прогнозата за раст на светската економија во 2026 година на 3,1 процент, наспроти претходно предвидените 3 проценти.

Сепак, Фондот предупредува дека глобалниот раст и натаму ќе биде релативно слаб, особено поради неизвесноста на енергетските пазари и промените во светската економија. ММФ очекува просечната цена на нафтата да достигне 96 долари за барел во текот на годинава, што би можело да придонесе за зголемување на глобалната инфлација на 4,7 проценти, во споредба со 4,1 процент во 2025 година.

Извештајот го анализира и влијанието на вештачката интелигенција врз економијата и пазарот на трудот. Според ММФ, оваа технологија може да ја зголеми продуктивноста и делумно да ги ублажи последиците од повисоките цени на енергенсите, но придобивките нема да бидат еднакви во сите земји и сектори. Промените на пазарот на трудот ќе се одвиваат постепено, но на долг рок може значително да влијаат врз потребните вештини и побарувачката за одредени професии.

ИЗДВОЕНИ