Македонското МНР реагираше на пречекот на Ива Михајлова во Бугарија, оценувајќи го како „провокација“ што ги поткопува напорите за градење доверба и развој на добрососедските односи, поради што на разговор во МНР беше повикан бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков. Како што соопштија од македонското Министерство, на средбата, на амбасадорот Радуков му било пренесено дека „Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе преземе соодветни чекори за информирање на меѓународните институции, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа“.
-Во врска со случувањата поврзани со Ива Михајлова, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјазко Радуков. На амбасадорот му беше пренесено дека начинот на кој Ива Михајлова беше пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, претставува провокација, ги подрива напорите за градење доверба и е спротивен на заложбите за развој на добрососедските односи. Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции. На средбата беше посочено дека од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи – почитување на судските постапки, институционална соработка и владеење на правото, стои во соопштението.
На средбата уште еднаш била нагласена посветеноста од македонска страна на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна.












