– Како историчар, кога ја гледам историјата на Европа, кога ја гледам историјата на нашиот регион, на нашата земја, единственото нешто што го гледам, се конфликтите. Можеби затоа моите филмови се толку опседнати со ова прашање. Конфликти, кои понекогаш се појавуваат случајно, неочекувано и кои имаат толку многу човечки жртви. Секогаш ме интересираа општествените движења, конфликтите, масакрите, геноцидите… Значи, моите интереси, верувам, се споија во моите филмови, рече турскиот режисер Емин Алпер, лауреат на 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, што започнува на 14 октомври, во киното „Фросина“ со филмот „Три недели потоа“ на Мирослав Терзиќ

– Една од моите опсесивни теми што постои во речиси сите мои филмови е социјалната психологија на создавање еден вид „други“ во општеството и начинот на кој ја испитувам човечката психологија во еден општествен конфликт или во општествените контексти. Таа тема е привлечна за публиката бидејќи живееме во свет во кој речиси сите наши општества имаат свои конфликти, особено во последните години, низ целиот свет. Политиката се популаризира сè повеќе, а политиката на авторитаризам станува сè поитна и опасност за светското општество, рече на денешната прес-конференција во Скопје, турскиот режисер, сценарист, актер и историчар, Емин Алпер, кој е лауреат на 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, што започнува на 14 октомври, во 20:30 часот, во киното „Фросина“, со српскиот филм „Три недели потоа“ на Мирослав Терзиќ.

На прес-конференцијата одржана во пресрет на фестивалот „Киненова“, Алпер, кој за неговиот најнов филм „Спасение“ ја освои Сребрената мечка — Голема награда на жирито во официјалната конкуренција на годинашното Берлинале, зборуваше за начинот и за социјално-психолошките аспекти при снимањето филмови, за односот кон политиката, како и процесот на градење ликови и приказни. Автор е и на филмовите „Зад ридот“ (2012) „Лудило“ (2015), „Приказната за трите сестри“ (2019), „Пеколни денови“ (2022), а во Скопје е дојден со својот монтажер, Озкан Вардар, чие потекло е од Велес, Македонија.

Озкан Вардар и Емин Алпер

Рече дека при создавањето филмови прво започнува со приказна, односно со инспирација, па потоа ги гради ликовите.

– Почнувам со приказната. Секој филм има различна почетна точка. На пример, „Спасение“ е инспириран од вистинска приказна, „Пеколни денови“ – од спомените од детството на мојот син, „Приказната за трите сестри“, исто така, инспириран од моите спомени од детството. Но, откако ќе одлучам дека приказната вреди да се раскаже, почнувам да размислувам за неа. И кога навистина мислам дека заслужува да биде напишана, тогаш почнувам да пишувам. Потоа, како историчар, ликот, го ставам во општествен контекст, а потоа се обидувам да создадам дијалог помеѓу моите ликови и малата заедница во која се сместени. На крајот, генерално, во моите филмови се појавува еден вид микрокосмос. Значи, секогаш чувствувам дека тоа е еден вид социјална лабораторија во која дејствуваат моите ликови. И тие се претвораат во еден вид алегории. Понекогаш тоа може да биде алегорија на турското општество, а понекогаш ситуацијата на светската политика, истакна режисерот чии филмови се прикажуваат на фестивалите во Берлин, Венеција и Кан.

Од фестивалот „Киненова“, Алпер е опишан како смел и бунтовен маг на психолошката драма, кој во своите стории, стамено и режисерски скроени, помеѓу минатото и сегашноста, руралното и урбаното, традиционалното и актуелното, цврсто ги поставува своите ликови и ги води во очекуван конфликт во најнепредвидливите моменти, неодминливо потсетувајќи на сите видливи и скриени контрадикторности кои ги нуди модерна Турција.

Тој посочи дека иако неговата прва љубов и страст била филмот, сепак се затекнал себеси како студира историја.

„Спасение“

– И секако, историската заднина го промени мојот начин на гледање на киното. Како историчар, кога ја гледам историјата на Европа, кога ја гледам историјата на нашиот регион, нашата земја, единственото нешто што го гледам се конфликтите. Можеби затоа моите филмови се толку опседнати со ова прашање. Конфликти, кои понекогаш се појавуваат случајно, неочекувано и кои имаат толку многу човечки жртви. Се фокусирам на општествените конфликти, и како општествата создаваат некакви непријатели, како општествата создаваат некои „други“ и како ова се појавува заради човечката психологија. И какви потреби на човечката психологија ја создаваат оваа потреба за непријател и каков е ефектот од овој вид конфликт врз човечката психологија. Како историчар, секогаш ме интересираа општествените движења, конфликтите, масакрите, геноцидите… Значи, моите интереси, верувам, се споија во моите филмови, додаде турскиот режисер.

„Зад ридот“

Во негова чест, на „Киненова“ на 15 октомври, во 18 часот, во Домот на културата „Билјана Беличанец“ ќе се прикаже неговиот прв долгометражен игран филм, „Зад ридот“, кој во 2012 година се закити со бројни награди, меѓу кои и на Берлинале, Сараево, Карлови Вари.

Прашан од весникот ВЕЧЕР што би ги советувал младите филмаџии, како автор на успешен дебитантски филм, Алпер одговори дека тие треба прво да бидат сигурни во она што сакаат да го кажат.

– Како што знаете, снимањето филм е навистина тешко. Потребно е трпение, потребна е страст. Значи, ако сте навистина сигурни дека имате многу работи да раскажете… И после тоа, треба да се концентрираат на својата моќ. Бидејќи сум видел многу разочарување кај младите режисери. Мислат дека можат да се справат со тоа, но по нивниот прв филм, чувствуваат дека не можат да продолжат. Тоа е навистина тежок пат. Значи, да, само страста и инсистирањето на своите приказни можат да ве одржат живи на овој пат, истакна турскиот режисер.

Емин Алпер, покрај добивањето на наградата „Златна грива“ за особен придонес во светската филмска уметност на „Киненова“, на фестивалот ќе биде дел и од меѓународното жири, заедно со хрватската документаристка Александра Марковиќ и македонскиот режисер Гоце Цветановски, кое ќе ги оценува филмовите во главната натпреварувачка програма. Годинашното издание на „Киненова“ ќе трае до 17 октомври, а по отворањето на фестивалот во киното „Фросина“ целата програма ќе се одвива во двете киносали во Општината Кисела Вода. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ