
Калифорнија ќе донира 1.300 болнички кревети, милиони завои и други медицински материјали за Украина, со цел да помогне во грижата за ранетите во војната што Русија ја води против оваа земја. Ова денеска го соопшти гувернерот Гевин Њусом, по неговото враќање од посетата на Украина.
Њусом, кој е демократ, изјави дека во неделата го посетил украинскиот град Лавов за да изрази поддршка за земјата во услови на долготраен конфликт.
Тој истакна дека донираната опрема потекнува од вишокот залихи на Калифорнија и претставува продолжување на помошта што веќе е обезбедена за време на војната.
Њусом се подготвува да ја напушти функцијата по осум години, а исто така размислува и за можна кандидатура за претседател на САД во 2028 година.
Републиканскиот претседател Доналд Трамп неодамна зборуваше за можноста за постигнување договор за ставање крај на руската војна во Украина.
Сепак, земјите од Европската унија денеска ја обвинија Русија дека се обидува да ги одолговлекува преговорите за завршување на конфликтот, додека истовремено – со приближувањето на зимата – ги бомбардира електраните и другата инфраструктура.
Во октомври, Белата куќа објави дека првата дама Меланија Трамп помогнала во посредувањето за прекин на огнот, со цел да се олесни испораката на хуманитарна помош и евакуацијата на цивилите од воено зафатениот регион. Помошта од Калифорнија вклучува теренска болница со 50 кревети, опремена со концентратори за кислород, инвалидски колички и материјали за третман на рани. Покрај тоа, сојузната држава обезбедува дополнителни 1.300 болнички кревети, повеќе од 11 милиони завои, илјадници комплети за третман на рани и 20 преносни генератори.
„Народот на Украина не ја избра оваа војна“, изјави Њусом, додавајќи дека „ниту една нација што се бори за својата слобода не би требало да се прашува дали е оставена сама на себе“.
Њусом исто така наведе дека ги посетил гробовите на украинските војници, центар за рехабилитација на ранетите во војната, како и компании вклучени во одбранбени технологии.
Според канцеларијата на гувернерот, во претходна фаза од конфликтот, Калифорнија веќе донирала пет теренски медицински станици, повеќе од 4.300 балистички елеци и речиси 1.600 шлемови, пренесе „Бета“.











