понеделник, ноември 16, 2026
Дома СВЕТ Руски медиуми: Кремљ ги повикува пратениците во Државната дума да се подготват...

Руски медиуми: Кремљ ги повикува пратениците во Државната дума да се подготват за „победа“ во Украина

0
EPA/ROMAN PILIPEY

Претставници на Претседателската администрација на Русија ги повикаа пратениците во Државната дума од партијата „Единствена Русија“ да се подготват за „победа“ во војната против Украина. За ова се разговарало на семинар одржан на 13 и 14 ноември во Центарот за управување „Сенеж“ во Московската област, објави деловниот весник „Ведомости“, повикувајќи се на добро информирани извори.

Според овие извори, на настанот присуствувал Сергеј Кириенко, прв заменик-шеф на Претседателската администрација, кој ставил посебен акцент на потребата за ангажман со учесниците во „специјалната воена операција“ (СВО).

„Дискусијата беше фокусирана на потребата сите да бидат подготвени за победа – конкретно за моментот кога оние што учествуваат во борбените дејствија ќе се вратат од специјалната воена операција“, изјавил еден од изворите за весникот.

Истовремено, на членовите на „Единствена Русија“ им било укажано дека тие продолжуваат да работат во воени услови и дека „во тој поглед ништо не е променето“, изјавил за РБК еден од пратениците што присуствувале на семинарот.

Друг извор додал дека претставниците на Кремљ инсистирале на тоа оти, сè додека траат воените дејствија, пратениците немаат право на одмор или на безгрижен живот.

Во мај, истражувачкиот центар „Досие“ објави дека Кремљ почнал да работи на тоа како евентуалниот крај на војната во Украина да им се претстави на руските граѓани како „победа“. Поточно, Претседателската администрација почнала да подготвува пропагандни пораки чија цел е да го оправдаат потпишувањето на мировен договор, и покрај огромните загуби и отсуството на какви било значајни резултати по речиси пет години војување.

Во таа насока, властите имаат намера да го променат наративот за целите на „специјалната воена операција“. Предлогот е фокусот да се стави на заземањето на Донбас – регион за кој Москва долго време, но безуспешно, бараше Украина да се откаже.

Самите борбени дејствија и убивањето на украински војници треба да се претстават како „денацификација“, додека тврдењето дека заземањето на Киев било цел, треба да се отфрли како нешто што всушност никогаш не било дел од реалните планови на Кремљ. Најновите преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на САД, се одржаа на 10 и 11 ноември во Абу Даби.

Според медиумските извештаи, за време на овие разговори Москва изнела максималистички барања, вклучително и барање НАТО да се врати на своите граници од 1997 година, а Молдавија да се трансформира во федерална република.

По преговорите, шефот на руската делегација, Владимир Медински, изјави дека Русија ќе си го „врати секој педаль“ од својата територија во рамките на Украина.

Тој дополнително нагласи дека ќе биде задоволен дури откако „ќе победиме и ќе потпишеме мировен договор под наши услови“.

ИЗДВОЕНИ