Европските лидери го предупредија Израел за последиците од можна копнена офанзива во Либан, во време кога израелската армија призна дека спроведува „ограничени и насочени копнени операции“ во јужен Либан против Хезболах, кој е финансиран од Иран, пишува „Дојче веле“.
– Огромната израелска копнена офанзива би имала катастрофални хуманитарни последици и би можела да доведе до долгорочен конфликт – се вели во соопштението на лидерите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и на Канада, во кое, исто така, се нагласува дека „мора да се спречи“ тоа.
Либан стравува дека ограничените упади насочени кон „клучните упоришта на Хезболах“, како што ги формулираше израелската војска, би можеле да ескалираат во инвазија на јужен Либан, област во која доминира Хезболах. Пред две недели, кога почнаа САД и Израел да го бомбардираат Иран, Хезболах отвори артилериски оган врз Израел, како одмазда за атентатот врз врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Тоа се случи и покрај повиците на либанската Влада да не се вклучува земјата во американско-израелската војна со Иран.
Европските лидери повикаа на разоружување на Хезболах. Сега постои стравување од огромни хуманитарни последици во Либан и можно влијание врз Европа во случај на израелска инвазија. Покрај тоа, земјата со години се бори со економска криза. Најголемата загриженост на европските лидери е нестабилноста што би ја донело ширењето на конфликтот на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и раселувањето од Либан и зголемената миграција кон Европа.
– Постои оправдан страв дека токму оваа ситуација тера сè повеќе луѓе од Блискиот Исток да го напуштат регионот и да се упатат кон Европа – вели Џулиен Барнс-Дејси од тинк-тенкот „Европски совет за надворешни односи“.
Портпаролот на ЕУ неодамна ја истакна сериозноста на хуманитарната криза што се случува во Либан и изјави дека веќе се раселени до 900.000 либански граѓани.
– Мислам дека Европејците, ако сакаат сериозно да извршат притисок врз Израел да не ја проширува офанзивата, треба да размислат за материјален притисок – за политички и за економски чекори што би направиле земјата да се чувствува меѓународно изолирана поради продолжувањето на таквата офанзива – изјави Барнс-Дејси.












