
Иранската револуционерна гарда распореди дополнителни сили на островот Харг, во очекување дека Израелците или Американците би можеле да се обидат да го нападнат местото од каде што тргнуваат 90 проценти од извозот на нафта на Иран, а се проценува дека има капацитет да товари околу 7 милиони барели дневно. Аналитичарите велат дека секој обид за негово заземање веројатно би барал операција на копнени трупи. Американските падобранци чекаат наредба, но Трамп, засега, нема одлука за инвазија. Наводно и Израел е заинтересиран за островот и за слична операција, иако не бил цел во ниту еден од неговите напади
Малкумина слушнале за островот Харг, но цел свет има корист од него. Малото островче во границите на Иран, се очекува наскоро да биде цел на американски напади. Долг само шест километри, оддалечен 25 километри од иранскиот брег, овој корален остров е клучен терминал за извоз на нафта, а израелските и американските планери веруваат дека заземањето или уништувањето на објектите би нанело фатален удар врз веќе кревката економија на Иран.
Иранската револуционерна гарда распореди дополнителни сили на островот Харг во Персискиот Залив, очекувајќи дека Израелците или Американците би можеле да се обидат да го нападнат местото од каде што тргнуваат 90 проценти од извозот на нафта на Иран, а се проценува дека има капацитет да товари околу 7 милиони барели дневно. Ни Џими Картер ни Роналд Реган не го нападнале Харг, но бил бомбардиран од Ирачаните пред речиси 40 години. Во актуелната војна, и Израел и САД нишанат кон нафтените постројки на Иран, до тој степен што деновиве, во одредени делови на државата, паѓаше дожд измешан со нафта, но овој остров не го чепкаат. Американските падобранци чекаат наредба, но Трамп, засега, нема одлука за инвазија. Заземањето на Харг, барем досега, го коментираа само извори во администрацијата на Трамп, кои тврдат дека претседателот размислува за операција на специјалните сили во која САД би ја презеле контролата врз нафтениот терминал од рацете на Револуционерната гарда.
– Нашата цел е да одземеме огромни ресурси од рацете на терористите, изјави советникот на Белата куќа, Џаред Иган, за „Фокс њуз“, споредувајќи го Иран со Венецуела, каде што контролата врз нафтената индустрија, по заробувањето на претседателот Николас Мадуро, премина во американски раце .
Наводно и Израел е заинтересиран за островот и за слична операција, иако не бил цел на ниту еден од неговите напади. Аналитичарите велат дека секој обид за негово заземање, веројатно, би барал операција на копнени трупи.
– Секако, со запирањето на превозот преку Ормутскиот Теснец, тие не можат да продаваат нафта, но гледајќи напред, заплената би им дала предност на САД за време на преговорите, без разлика кој режим ќе биде на власт по завршувањето на воената операција, изјави за Си-ен-би-си, Петрас Катинас, истражувач за клима, енергија и одбрана во РУСИ, лондонски тинк-тенк за одбрана.
За време на нападите меѓу САД и Израел минатиот јуни, Харг, исто така, беше на израелската листа на цели, но на инсистирање на Американците, во тоа време, владата на Бенјамин Нетанјаху се откажа од нападот. Иако Иранците тогаш ги евакуираа сите танкери од островот Харг, овој пат нивните бродови останаа закотвени недалеку од него, што ги наведува воените аналитичари да заклучат дека не очекуваат напади врз тој нафтен терминал. Властите во Техеран, исто така, не се обидоа да го префрлат товарот на извозот на нафта на други места, и покрај тоа што веќе речиси половина век е јасно дека островот Харг потенцијално претставува најслаба точка на Иран во случај на конфликт.
Според најновите медиумски информации, Трамп е под силен притисок да ја прекине војната. „Волстрит џурнал“ пишува дека некои од советниците приватно го поттикнуваат јавно да изнесе план за излез од војна со Иран. Тие, како што навеле неименувани извори на весникот, барале тој да покаже дека американската војска во голема мера ги постигнала своите цели за војната. Од друга страна, Израел не се откажува, што по 10 дена војување покажува пукнатини од односот меѓу сојузниците.











