
Некогашната голема надеж на англискиот фудбал, Џејдон Санчо, ја продолжува својата кариера во Бразил. По неуспешниот период во Манчестер јунајтед и серијата позајмувања, 26-годишниот напаѓач ќе потпише за Палмеирас, како слободен агент, што ја изненади фудбалската јавност, според голем број англиски медиуми.
Санчо се договорил за двегодишна соработка со Палмеирас, со можност за продолжување на договорот за уште една сезона. Англискиот фудбалер на тој начин ќе се обиде да ја „оживее“ својата кариера подалеку од Европа, а бразилскиот клуб, кој има големи амбиции секоја година, го смета за значајно засилување.
Тој одлично се снајде во дресот на Борусија Дортмунд, но трансферот во Манчестер јунајтед во 2021 година, за 85 милиони евра, се покажа како грешка. И покрај исклучително големата плата, не успеа да се наметне на „Олд Трафорд“. Неговата форма не беше подобрена со последователните позајмувања во Борусија, Челзи и во Астон вила, па затоа стана слободен агент ова лето.
Тој доаѓа во Бразил како познато име, но ќе мора да ги оправда очекувањата од првиот ден. Се соочува со сосема поинаков предизвик од оној на кој беше навикнат и ќе треба брзо да се приспособи на новата средина. За играч со неговите карактеристики, довербата на тренерскиот персонал и јасната улога во тимот ќе бидат клучни.











