
Шпанија вчера објави дека може да ја повлече поддршката за прием на нови членки во Европската унија (ЕУ) доколку на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик не им се додели статус на официјални јазици на ЕУ, со што Мадрид повторно го поврзува прашањето за јазичните права со процесот на проширување на Унијата.
Шпанскиот државен секретар за Европската унија, Фернандо Сампедро, пишува Euractiv, најави нова дипломатска иницијатива од Мадрид, поврзувајќи го барањето на Шпанија во врска со јазиците со процесот на проширување на ЕУ.
„Со проширувањето, ќе имаме уште повеќе официјални јазици во ЕУ, но пред тоа, очекуваме дека договорот ќе може да ги исполни очекувањата на 20 милиони Европејци“, рече Сампедро.
Сампедро рече дека Шпанија е меѓу најсилните поддржувачи на проширувањето на ЕУ, но истакна дека неговата земја е членка на Унијата веќе 40 години и дека баскискиот, галицискиот и каталонскиот веќе се сметаат за официјални јазици на национално ниво.
Мадрид официјално ќе го презентира своето барање на следниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ на 22 септември.
„Продолжуваме систематски да разговараме за ова со земјите-членки на сите нивоа“, рече Сампедро.
Кога беше прашан дали ова значи дека Шпанија ја условува поддршката за прием на нови членки, како што е Црна Гора, со поддршка за нејзиното барање во врска со гореспоменатите јазици, Сампедро не го негираше тоа.
„Уверен сум дека ќе го решиме долго пред тоа“, рече тој. Шпанија последен пат се обиде да го протурка прашањето во Брисел во јули 2025 година, но без успех.
Иницијативата беше дел од поширок договор што шпанскиот премиер Педро Санчез го постигна со десничарската каталонска сепаратистичка партија Обединети за Каталонија (Јунтс), како и други регионални баскиски и галициски партии, за да го обезбеди својот реизбор за премиер во 2023 година.
Партијата Јунтс ја прекина соработката со владејачките социјалисти на Санчез минатата година поради, како што рече, неисполнети предизборни ветувања, додека други сојузници, како што е Баскиската националистичка партија, се дистанцираа од владата поради корупциски скандали.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, објаснува „Еурактив“, се потпира на поддршката од регионалните партии за да ја одржи својата влада на власт и долго време се стреми да обезбеди поголемо признавање на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик на ниво на ЕУ. Сепак, промената на статусот на јазиците бара едногласна согласност од сите земји-членки на ЕУ, што досега не е обезбедено, а меѓу земјите што се спротивставуваат на тоа се Германија, Финска и Италија.











