
Дури 90 отсто од украинските притвореници чии случаи се разгледуваат пред руските судови се соочуваат со обвиненија поврзани со тероризам, наместо да бидат третирани како воени заробеници. Ова го откри Маријана Кацарова, специјален известувач на Обединетите нации за состојбата со човековите права во Русија, изнесувајќи сериозни обвинувања за постапувањето со украинските затвореници.
Во интервју за „Укринформ“, Кацарова објасни дека руските власти го прогласиле баталјонот „Азов“ за терористичка организација, поради што неговите заробени припадници се гонат по обвиненија за тероризам, и покрај нивниот статус на воени заробеници.
„Можеби дури 90 отсто од украинските притвореници кои се изведени пред руските судови се обвинети за дела поврзани со тероризам, наместо за нивното учество во непријателствата“, изјави таа.
Според Женевските конвенции, воените заробеници уживаат заштита согласно меѓународното хуманитарно право и не можат да бидат обвинети за тероризам само поради учеството во вооружениот конфликт.
Уште позагрижувачки се податоците за смртните случаи во руско заробеништво. Според украинскиот Координативен штаб за третман на воени заробеници, најмалку 438 Украинци починале додека биле во руски притвор.
Кацарова посочи дека во периодот од мај 2025 до мај 2026 година во Украина биле вратени посмртните останки на 169 украински војници и цивили. Обдукциите, според неа, покажале дека тортурата и недостигот од медицинска помош биле директни причини за смртта.
Таа не очекува руските власти да спроведат сериозни истраги за овие случаи, тврдејќи дека во затворскиот систем владее атмосфера на неказнивост.
„Машинеријата за тортура работи со полна пареа и е особено брутална кон украинските затвореници. Понекогаш, мачењето на украински затвореници може дури и да ви донесе унапредување“, изјави Кацарова.
Во извештај до Генералното собрание на ОН таа навела дека меѓу септември 2025 и август 2026 година руските судови осудиле најмалку 585 Украинци во постапки за кои смета дека се политички мотивирани. Меѓу нив имало 226 цивилни заложници и 359 припадници на украинските вооружени сили.
Како примери ги посочила припадниците на бригадата „Азов“, Дмитро Селизар и Микола Кузменко. Првиот бил осуден на 18 години затвор, додека казната на Кузменко била зголемена на дури 27 години.
Особено потресен е случајот на украинската цивилка Наталија Власова, која сведочела дека била силувана и мачена со електрошокови од припадници на вооружените формации на таканаречената Доњецка Народна Република. Според нејзиното сведоштво, мачителите користеле и метална турпија за да ѝ ги оштетат забите.
Власова за злоставувањето зборувала за време на судско рочиште во Ростов, но наместо истрага за нејзините тврдења, добила казна од 18 години и два месеца затвор. Таа моментално се наоѓа во руска казнено-поправна колонија.
„Имам список од 20 жени, но ги има уште многу повеќе“, предупреди Кацарова, посочувајќи дека тепањето, сексуалното насилство и мачењето со електрошокови остануваат присутни во руските затвори.











