петок, октомври 2, 2026
Дома СВЕТ Руските воздушни напади предизвикаа големи прекини во сообраќајот во Киев по затворањето...

Руските воздушни напади предизвикаа големи прекини во сообраќајот во Киев по затворањето на два клучни моста

15
Фото:википедија

Руските воздушни напади денеска ги принудија властите да затворат два моста преку реката Днепар кои ги поврзуваат двете страни на украинскиот главен град Киев, додека Москва го засилува бомбардирањето на инфраструктурата пред почетокот на зимата, пишува денеска новинската агенција „Ројтерс“.

Вечерниот напад со беспилотно летало врз затворениот Јужен мост беше последен во низата напади од четвртокот, кои доведоа до целосен или делумен прекин на сообраќајот преку тој и уште два моста над широкиот Днепар.

Утрото се создадоа долги колони во сообраќајот, а видеата објавени на интернет прикажуваат жители како пеш го минуваат мостот, кој беше затворен за автомобили и возови откако беше погоден неколку пати во четвртокот. „Не знаеме што мислат Русите таму или што би можеле да смислат. Никој не може да знае што ќе се случи во понеделник“, изјави за Ројтерс 51-годишната Лариса, додека зборуваше од градски автобус.

Во четвртокот, руски беспилотни летала го погодија Јужниот мост преку Днепар, како и едно училиште, но учениците не беа повредени бидејќи во тоа време се наоѓале во засолниште, соопштија официјални лица.

 

Сообраќајот преку Јужниот мост и дел од мостот „Патон“, кои се важни сообраќајници за жителите на јужниот дел на Киев, утринава беше привремено запрен. Сообраќајот беше делумно запрен и на уште еден мост.

Сообраќајот преку мостовите беше нормализиран околу пладне, изјавија очевидци за „Ројтерс“.

Пред последниот напад врз мостот, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, одржа состанок на градскиот совет за безбедност за да се проценат ризиците, опишувајќи ја ситуацијата во градот како „многу драматична“.

Според податоците на градските власти, пред руската инвазија на Украина во 2022 година, повеќе од една третина од трите милиони жители на главниот град живееле на источниот, односно „левиот“ брег.

ИЗДВОЕНИ