Насилството врз жените во Германија достигна рекордно ниво. Бројот на случаи на семејно насилство, сексуални напади, убиства и насилство во дигиталниот простор бележи загрижувачки пораст, покажуваат најновите податоци што во Берлин ги презентираа тројца членови на германската влада.
Сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добринт (ЦСУ), министерката за семејство Карин Прин (ЦДУ) и министерката за правда Штефани Хубиг (СПД) ги претставија најновите статистички податоци за кривичните дела чии жртви се особено жените – насилството во семејството, на јавни места, во партнерските односи, но и во дигиталниот простор.
Бројот на овие кривични дела расте, за разлика од вкупниот криминал, кој според полициската статистика бележи само благ пораст или останува непроменет.
„Зад сите овие страшни бројки се кријат поединечни човечки судбини. Зад нив стојат луѓе, пред сè жени и девојчиња чии животи се сериозно нарушени од овие насилни дела“, изјави министерот за внатрешни работи Добринт.
Рекорден број случаи на семејно насилство
Податоците за 2025 година покажуваат дека бројот на жртви на семејно насилство достигнал рекордно ниво. Вкупно 280.129 лица биле жртви на насилство во сопствениот дом, што е за 2,8 отсто повеќе во споредба со 2024 година.
Жените сочинуваат 70,6 отсто од сите жртви, односно речиси 71 процент. Меѓу машките жртви има и момчиња кои биле нападнати од своите татковци.
Тоа значи дека секој час околу 16 жени стануваат жртви на физичко насилство зад затворени врати.
Особено загрижувачки е порастот на таканаречените кривични дела мотивирани од омраза кон жените. Статистиката бележи зголемување од речиси 50 отсто, со вкупно 819 регистрирани случаи. Мотивот на сторителите била омразата кон женскиот пол.
Жртвите на сексуално насилство сè помлади
Министерката за правда Штефани Хубиг, коментирајќи ги податоците, оцени дека бројките покажуваат колку е тешко да се биде жена во Германија.
„Тоа може да значи дека ќе бидете убиени од сопствениот сегашен или поранешен партнер. Може да значи дека истиот тој партнер физички ќе ве малтретира во вашиот дом. Може да значи и дека брутално ќе биде прекршено вашето право на сексуално самоопределување“, изјави Хубиг.
Загрижува и фактот што и сторителите и жртвите се сè помлади. Речиси точно половина од жените кои во 2025 година биле жртви на сексуални кривични дела биле помлади од 18 години.
Бројот на случаи на дигитално насилство врз жените и девојчињата пораснал за 15,7 отсто. Станува збор за несакано прикажување видеоснимки и фотографии, навреди, фотомонтажи, закани и уцени на интернет, како и следење и вознемирување.
Прин: Мораме да го промениме начинот на размислување
Бидејќи и сторителите и жртвите се сè помлади, германската влада планира посебно да се фокусира на училиштата, најави министерката за семејство Карин Прин, која е надлежна и за образованието.
Според неа, училиштата треба да добијат позначајна улога во превенцијата и спречувањето на насилството.
„На крајот, мораме да постигнеме промена во начинот на размислување на луѓето, а особено на мажите. Тоа, во крајна линија, ќе биде пресудно“, изјави Прин.
Хубиг уште во текот на викендот најави дека таканаречените фемициди, односно убиствата на жени мотивирани од нивниот пол, во иднина секогаш треба да се квалификуваат како тешки убиства.
Во Германија, меѓутоа, ваквите кривични дела често правно се квалификуваат како обично убиство, за кое е предвидена поблага казна во споредба со тешкото убиство.
Во разговор за германската телевизија ЗДФ, Хубиг посочи дека фемицидите сè почесто се претставуваат како семејни трагедии или убиства од љубомора, поради што се квалификуваат како убиства, а не како тешки убиства.
Реалниот број на случаи е многу поголем
Потпретседателката на Сојузната криминалистичка служба (БКА), Мартина Линк, исто така учествуваше во презентацијата на статистичките податоци.
Таа ги повика граѓаните внимателно да следат што се случува во нивната непосредна околина – во семејството, соседството и на работното место.
„Насилството врз жените не е приватна работа, ниту во непосредното животно опкружување, ниту во дигиталниот свет“, изјави Линк.
Како и министерот за внатрешни работи Добринт, таа предупреди дека во полиција се пријавуваат само пет до десет отсто од сексуалните кривични дела и случаите на семејно насилство. Огромното мнозинство остануваат непријавени и невидливи во официјалната статистика.
Сепак, постои и една причина за надеж. Статистиката покажува дека 44 отсто од сите случаи евидентирани во 2025 година се случиле во претходните години, а во полиција биле пријавени дури подоцна.












