Руската влада ја продолжи забраната за извоз на дизел за производителите до крајот на октомври, истакнувајќи дека нејзин приоритет е снабдувањето на домашниот пазар, извести новинската агенција Интерфакс.
„Одлуката е донесена за да се одржи стабилна ситуацијата на домашниот пазар на горива“, објасни владата во соопштението, според извештајот на Интерфакс, издвојувајќи ја зголемената побарувачка за моторно гориво за време на сезоната на жетва.
На трговците извозот на дизел им е забранет уште од крајот на јануари, а во средината на јуни забраната беше проширена и врз производителите. Накнадно Москва двапати ја продолжи забраната за извоз, со намалени рафинериски капацитети поради украинските напади со дронови.
Покрај дизелот, производителите до крајот на октомври нема да можат на странските купувачи да им испорачуваат ниту бродско гориво ниту масло за греење.
За трговците, пак, забраната за извоз на дизел важи до крајот на јануари следната година, како и целосната забраната за извоз на бензин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, крајот на минатата недела изјави дека евентуалното укинување на руската забрана за извоз на дизел нема да зависи само од покривањето на потребите на домашниот пазар, туку и од укинувањето на санкциите за увоз на руски енергенси.
Покрај загарантираната безбедност на пловидбата во Црното Море, портпаролот на Кремљ истакна дека Русија очекува од другите земји и укинување на санкциите за увоз на руски енергенси.
„За рускиот дизел да може да биде испорачан на меѓународните пазари, тој мора таму да пристигнува без никакви пречки, односно без никакви санкции и ограничувања“, рече Песков.
Русија во почетокот на јуни го забрани и извозот на керозин, до крајот на ноември оваа година. Во среда претпладне дизелот со ниска содржина на сулфур поскапе во фјучерс-договорите на лондонскиот пазар за 3,1 отсто во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 1.437 долари по тон. Цената сепак му е пониска отколку во средината на септември, кога достигна дури 1.567,25 долари по тон.












