вторник, јули 14, 2026
Дома СВЕТ „Русија е виновна, го затвораме конзулатот“: Итно огласување на романскиот претседател и...

„Русија е виновна, го затвораме конзулатот“: Итно огласување на романскиот претседател и Руте по ударот на руски дрон во зграда во Романија

180
EPA/OLIVIER MATTHYS

Романија одлучи да го протера рускиот конзул и да го затвори конзулатот во Констанца откако синоќа дрон се урна во станбена зграда во Галац, при што беа повредени две лица.

Дронот се урна во станбена зграда околу 2 часот наутро, предизвикувајќи експлозија и пожар во стан на 10-тиот кат од зградата. Во инцидентот беа повредени мајка (53) и нејзиниот 14-годишен син, кои се здобија со изгореници и беа итно префрлени во болница.

Романското Министерство за одбрана утрово соопшти дека дронот бил руски дрон и дека бил забележан веднаш по влегувањето во воздушниот простор, но дека не можел да биде соборен.

Сега, и романскиот претседател Никушор Дан се огласи.

Тој рече дека „целата одговорност е на Русија“.

– Рускиот конзул во Констанца е прогласен за персона нон грата, а конзулатот ќе биде затворен – рече Никушор Дан.

Дан, исто така, ја критикуваше реакцијата на некои романски политичари.

– Ја забележувам неодговорноста на некои романски политички лидери кои се обидуваат да ја оправдаат Русија. Сега Романците можат да видат кој е прозападен, а кој проруски. Имавме руски дрон Геран-2. Ја знаеме неговата траекторија – додаде претседателот.

За потсетување, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека Алијансата е во „целосна солидарност“ со Романија откако руски дрон удри во станбена зграда во Галац и повреди две лица, нагласувајќи дека НАТО останува подготвен да ја брани „секоја педа“ од територијата на земјите-членки.

Руте во објава на социјалната мрежа X рече дека разговарал со Никушор Дан и им изразил сочувство на повредените во инцидентот. Тој нагласи дека НАТО продолжува да ја зајакнува својата подготвеност за одвраќање и одбрана од сите закани, вклучително и напади со беспилотни летала.

– Неодговорното однесување на Русија претставува опасност за сите нас. Тие продолжуваат да ги таргетираат цивилите и цивилната инфраструктура низ цела Украина. Уште еднаш, последиците од нивната нелегална агресивна војна не запираат на границата – рече Руте. Додаде дека војната мора да заврши, како и, како што рече, непочитувањето на безбедноста на цивилите, со порака дека НАТО ќе продолжи да го зајакнува своето одвраќање и одбрана, како и поддршката за Украина.

ИЗДВОЕНИ