Јорданскиот крал Абдула Втори вети дека сторителите на денешниот напад врз црква во градот Карак – во јужниот дел на земјата – во кој загинаа седум лица, а 34 беа повредени, ќе се соочат со најстрога казна.
На платформата „Икс“ кралот Абдула Втори изјави дека Јордан ќе одговори на овој „терористички чин насочен кон Карак“ со „најстроги казни“.
„Секој што замислил дека куршумите на предавството можат да ги разделат редовите на јорданскиот народ, доживеа неуспех пред нашата непоколебливост и единство“, рече кралот Абдула Втори.
Тој додаде дека Јордан ќе одговори со „железна тупаница“ на секој што ќе се обиде да ја нападне земјата, нагласувајќи дека „јорданската крв е скапоцена“.
Јорданската влада соопшти дека премиерот Џафар Хасан денеска претседава со состанок на Советот за безбедност во седиштето на гувернаторатот Карак. На состанокот присуствуваат сите министри и надлежни функционери, со цел да се надгледува реакцијата на сите релевантни институции по настанот што беше опишан како „гнасно терористичко злосторство“.
Јорданскиот министер за внатрешни работи, Мазен Ал-Фараџ, изјави дека е сè уште прерано да се зборува за идентитетот на сторителите, иако истражителите веќе имаат утврдено одредени имиња.
Тој истакна дека нападот врз Грчката православна црква во Карак бил извршен од „група екстремисти“, опишувајќи го настанот како „терористичка операција“. Абдула Ал-Маџта, директор на Јорданската јавна безбедност, на прес-конференција во Карак потврди дека се во тек истрага и потрага по сторителите на нападот.
Најмалку седум лица загинаа, а 34 беа ранети во денешниот напад врз Грчката православна црква во Јордан.
Нападот се случи во Карак, град лоциран на приближно 180 километри од Аман, главниот град на Јордан.
Некои очевидци изјавија за медиумот „Ал Мамлака“ дека на местото на настанот пристигнало возило, од кое излегле напаѓачите; тие пукале непрекинато во текот на пет минути, по што побегнале. Во моментот на нападот, внатре и околу црквата имало меѓу 150 и 200 луѓе, изјави еден сведок, додавајќи дека повеќето од жртвите биле на возраст меѓу 50 и 70 години, пренесува „Танјуг“.












